Ковид-19

70 проценти од заразените инфицирани со британската мутација на вирусот

25.02.2021 15:00

70 проценти од заразените во земјава се инфицирани со британската мутација на вирусот- покажале најновите истражувања во МАНУ. Има зголемување на бројот на заболени, но засега нема нови рестрикции. Здравствените власти уверуваат дека места во болниците има, капацитетите не се загрозени и во критичните градови- Кавадарци, Прилеп и Охрид. Министерот Филипче изјави дека е почната постапката за набавка на 100 илјади дози од руската вакцина...

Британскиот сој на коронавирусот е присутен кај 70 проценти од новоинфицираните. Брзо се шири и ги полни болниците. Министерот Филипче уверува дека нема опасност од преоптоварување на здравствените капацитети. Засега дополнителни мерки за заштита не се предвидени како во западно европските земји, но не се исклучува и таа можност доколку дојде до влошување на состојбата.

„Гледаме и следиме дали овој тренд ќе продолжи на овој начин до тој степен да биде ризик повторно да се оптоварат болничките капацитети и поради тоа што засега нема таква индиција сметаме дека ова е нешто што сега засега добро се менаџира, но не ја исклучувам таа можност“, изјави министерот Филипче.

Додека бројот на заболени од коронавирусот се зголемува, во земјава нема најави дека наскоро ќе започне антиковид имунизацијата на населението. Владата го овласти министерот Филипче да го потпише договорот за набавка на 100 илјади дози од руската вакцина. За кинеските се испраќаат дополнителни документи. Доцнат и нарачаните вакцини од „Фајзер“. Нема конкретен датум кога ќе пристигнат во земјава.

„Некои дополнителни документи, расчистување на некои членови од договорот и тоа произлегува од секојдневната комуникација и размената на информации. И денеска ќе продолжи таа комуникација, јас искрено се надевам дека во следните денови ќе ги имаме и конкретните датуми, нешто што ќе произлезе од таа комуникација, но засега остануваме во тие интензивни разговори со претставниците на двете компании“, рече Филипче.

Околу 180 илјади граѓани се регистрирани во системот „Мој термин“ со возраст над 70 години и хронични болести. Од нив само 50 илјади изразиле интерес за вакцинација. Филипче вели дека преку кампањи ќе ги мотивираат да се пријават. Засега во земјава со донација од 8 илјади вакцини на „Фајзер“, кои пристигнаа од Србија се имунизира медицинскиот персонал. Со нив е предвидено за две недели да се вакцинираат 4.000 илјади здравствени работници.

 

Андријана Атанасовска