Европска унија

Поделеност во Унијата околу вакциналните сертификати

25.02.2021 15:14

Почнува дводневниот самит на Европската унија. Ќе се разгледува моменталната состојба со пандемијата. Во најава и договор на земјите- членки за серитфикати за вакцинација. Во блокот постои поделеност околу зелениот пасош со кој, според одредени ставови може да се дискриминира волјата на оние што не сакаат да се вакцинираат...

Вакциналните сертификати се главна тема на дводневниот виртуелен самит на Европската унија. Таканаречениот „зелен пасош“ им следува на граѓаните кои примиле вакцина против ковид-19 или добиле негативен резултат на тестот. Во блокот постои поделеност околу оваа дигитална потврда која гарантира слободно движење. По забрзувањето на имунизацијата, но и пред летната туристичка сезона, дел од државите бараат брзо усвојување на ваков документ кој би им обезбедил прецизна евиденција. Оние кои не се согласуваат со идејата тврдат дека сертификатот ќе значи задолжителна вакцинација, со што се дискриминира волјата на оние кои не сакаат да примат доза.

„Дигиталниот зелен пасош е едноставен начин да се вратиме на стариот живот. Поради тоа не треба да постојат различни регулативи во секоја земја бидејќи тие се многу сложени и никој не ги знае деталите“, изјави австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Амбицизионата агенда за вакцинирање не се одвива според планираното, а бројот на заразени се зголемува поради мутациите на вирусот. До средината на март се очекува и одобрување на вакцините од „Џонсон и Џонсон“. Целта е до средината на септември да бидат имунизирани 70% од возрасната популација. Британски виролози не ја исклучуваат можноста наскоро да се создаде и комбинирана вакцина против грип и ковид-19. Германското здравство гледа помош и во домашните тестови за антигени кои беа одобрени за употреба од Федералниот инситут за лекови и медицински уреди.

„Вирусот нема да се предаде, нема да се откаже. Секојдневно ќе имаме повеќе ресурси, начини да се бориме против него и да вратиме дел од нормалното. А тестирањето има важна улога за тоа“, вели Јенс Шпан,министер за здравство во Германија.

Несогласувања во Брисел и околу рестрикциите воведени по ширењето на мутациите. Еврокомисијата бара шест држави да ги отворат границите и да ги намалат мерките за да не се попречува прекумерно слободното движење. Белгија, Данска, Финска, Шведска, Германија и Унгарија имаат рок од десет дена да одговорат.

 

 

Маја С. Филдишев