Крива Паланка: Позитивни на Ковид- 19 шетаат низ градот
Позитивни на Ковид 19 во Крива Паланка го злоупотребуваат времето дозволено за контрола и примање на терапија во болница, да шетаат, односно да се снабдат со намирници или лекови. Кризниот штаб од оваа општина бара полицијата да контролира дали заболените и изолираните, ги почитуваат решенијата...

Кривопаланчани позитивни на Ковид 19 го злоупотребуваат времето за контроли и примање терапија, па наместо во болница, шетаат низ маркети и аптеки. На оваа тема расправаше и кризниот штаб на Крива Паланка, кој смета дека со непочитување на мерките, се зголемува можноста за ширење на вирусот. Штабот бара полицијата на дневна основа да контролира дали заболените и изолираните, ги почитуваат решенијата.
„Евентуално при пријавувањето, при излегувањето од дома заради неопходни здравствени прегледи да се ограничи времето од излегувањето и враќањето назад, а при тоа маршутата на движење да биде стриктно до локацијата каде што е одобрувањето а потоа истите веднаш да се вратат во своите домови, без некаква дополнителна можност за шетање и набавки по супермаркети, аптеки“, изјави Борјанчо Мицевски, градоначалник на Крива Паланка.
Од општината посочуваат дека се уште функционира телефонската линија, па волонтерите на Црвениот крст прават испораки на неопходни средства на лицата, кои што немаат можност тоа да го направи некој од семејството.
„Детектирано е дека сосема мал број на луѓе се пријавуваат како контакти и ќе мораме да упатиме апел до централниот кризен штаб епидемиологот што ја прави анкетата да ги опфати и да им напомене на заболените дека мора да ги кажат контактите, затоа што ако имаме контакт заболено лице а сите од неговото семејство да шетаат несоменено дека вирусот ќе продолжи да се шири“, посочи Изабела Павловска, командант на кризен штаб во Крива Паланка.
Состојбата со коронавирусот во Крива Паланка засега е стабилна, но општинскиот штаб сепак апелира граѓаните да ги почитуваат препораките, но и да се воздржат од непотребно патување. Посочуваат и дека периодов голем број граѓани ги посетуваат општините од прекуграничниот регион, па веќе има неколку случаи на лица кои што се вратиле позитивни.
Елена Георгиевска
