Окта ќе донира средства за нови инкубатори на Детската клиника

18.03.2014 17:17

Надлежните апелираат потребни се 12 инкубатори за да можат малите херои да се изборат за живот...

Окта ќе донира пари од продажба на горивата и постапно, до крајот на годинава ќе обезбедува средства за набавка на нови инкубатори, респиратори и друга опрема за одделот на интензивна нега за новороденчињата на Универзитетската клиника за детски болести. На  Клиниката  има поголема потреба од сегашните 16 инкубатори, од кои еден е посовремен, а другите се застарени. Извршениот директор на Окта, Виктор Папаконстантину, рече дека оваа иницијатива нема да запре тука. Тие се надеваат дека ќе се поттикне јавната свест и кај другите општестевно одговорни компании, но и кај поединци за да им се помогне на најмладите кои што секојдневно се борат за живот на Детската клиника. Кампањата наречена „Шанса за живот“ ќе трае до крајот на годинава.

Д-р Радица Муратовска-Делимитова-педијатар интензивист од УК за детски болестирече дека во моментов има 16 бебиња во инкубаторите коишто не ги задоволуваат потребите  затоа што не ја обезбедуваат потребната влажност на воздухот, а има и некои со поткршени врати. Генерално не е загрозен животот на дечињата , но тоа се импровизирани услови за работа, особено за дечињата оперирани од срце и со други потешки заболувања- вели д-р Муратовска Делимитова.

Едно предвремо родено бебе- во 28-мата гестациска недела, се бори за живот. Тоа е во најновиот инкубатор. Потребни се уште 12 инкубатори  за да може да се задоволат стандардите . Граѓаните кои што сакаат да донираат ќе можат да купат нараквици какви што им се ставаат на новороденчињата( со логото на кампањата) по симболична цена од 100 денари.  Од Клиниката апелират до сите граѓани и компании за подигнување на јавната свест и како и многу пати досега да и се помогне на Клиниката за детски болести во која Владата инвестираше 2 ипол милиони евра за реконструкција, а новиот ургентен центар е направен од донирани средства.

Соња Стојановска