Децата се одземаат поради питачење и насилство
И сестрата на малата Мевљан, мајката ја искористувала за питање. Пред надлежните негирала, но евидентирана е како питач...

Децата се одземаат поради питачење и насилство. Двегодишното девојче ќе остане со неа, но ќе биде под постојан надзор од социјалните работници. Доколку биде фатена како ја злоупотребува ќерката, ќе и биде одземена. Последните две години, во просек годишно социјалните работници даваат предлог за одземање 10 деца. Одлуката ја донесува судот. Најчеста причина се питањето и семејното насилство. Најмногу ги има во Скопје.
„Одземени се 18 деца, на нивните родители им е одземено родителското право, децата се згрижени. Згрижени се плус 11 деца, но против нивните родители не е покрената постапка за одземање на родителското право“, изјави Наташа Станојевиќ, Социјален работник.
Практиката покажува дека децата на улица се и малтретирани. Стручњаците велат дека многу малолетници во богати семејства, со родители интелектулаци се жртви на некој облик на насилство, но тоа добро се прикрива и тешко се докажува. Последниот случај е едно 9-годишно дете кое рекло дека ќе се убие, раскажува Јана Зенговска, психолог од СОС телефонот. Момчето било физички, а можеби и сексуално злоупотребувано. Преживеаното остава последици.
„Истото однесување на кое се научило, ќе го пренесе на своите деца или може рано да стапи во брак, да избере несоодветен партнер и да се повтори приказната на дисхармонично семејство“, изјави Јана Зенговска, Психолог координатор на СОС телефонот за деца и млади.
Социјалните работници сметаат дека би имало повеќе пријави за несовесни родители ако децата знаат дека нема да завршат во дом, дека постојат згрижувачки семејства каде што двајца други родители ќе се грижат за нив.
Наташа Јанчиќ
