„Таргет- Тврдина“: Вкупно 55 години затвор и 10 условни, за Мијалков 12 години

26.02.2021 14:22

Дванаесет години затвор за поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, за случајот „Таргет – Тврдина“ за масовното прислушување и уништување на опремата. Неговата одбрана ќе ја обжали пресудата. По барање на Обвинителството, на Мијалков одреден му е затворски притвор. Поранешната минстерка за внатрешни Јанкуловска е осудена на четири години. Највисоки казни, од 15 години, добија бегалците Горан Грујовски и Никола Бошкоски...

Масовното прислушување и уништување на опремата со која се извршило, доби судски епилог во првостепена инстанца. Поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков е виновен, пресече судот, затоа што во периодот од 2008-ма до 2015-та година незаконски следел разговори на повеќе од 4.600 телефонски броеви, за што доби 12 години затвор. Поранешната министерка Гордана Јанкулоска ќе издржува четири години затвор, а најстрога казна им е изречена на бегалците Горан Грујовски и Никола Бошковски – 15 години. Двајца вработени во УБК добија шест, односно три години робија, а петмина поминаа со условна осуда од две години.

На барање на обвинителството на Мијалков му е изречен притвор кој ќе го издржува во истражниот затвор во Шутка. Обвинителката потврди дека добиле известување од МВР во кое се вели дека немаат техничка можност за 24 часовен видео и електронски надзор за да го следат Мијалков од дома. Одбраната, пак, смета дека тоа што МВР нема ресурси за да го спроведува законот, не смее да биде на штета на обвинетиот.

„Таргет- Тврдина“ е најзначајниот случај што го отвори поранешното СЈО и од него произлегоа многу други предмети. Преку три системи во УБК, биле следени градоначалници, новинари, бизнисмени, адвокати.

Надвор од постапката, која сега доби епилог, само еден обвинет се спогоди со Обвинителството и доби условна осуда.

Анита Димитријевска- Велковска