„Eкономист“ со нова анализа – ќе продолжат економските реформи

18.03.2014 17:38

Угледниот британски магазин „Економист“ предвидува победа на владејачката ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори, продолжување на економските реформи, кои треба да резултираат со зголемено ниво на странски инвестиции...

Угледниот британски весник „Економист“ излезе со нова анализа за земјава. Предвидува победа на владејачката ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори, продолжување на економските реформи, кои треба да резултираат со зголемено ниво на странски инвестиции.

„Слабоста на опозицијата укажува дека актуелните вршители на должноста ќе победат и на претседателските и на парламентарните избори. Коалицијата предводена од владејачката ВМРО-ДПМНЕ  и натаму е релативно популарна, па се очекува да остане сигурна на власт, се вели во статијата на ,,Економист, посветена на  Македонија.

Долгогодишниот спор за името со Грција и несогласувањата со Бугарија остануваат пречки за членство во НАТО и во ЕУ. Етничките односи и натаму се проблематични, и повремено резултираат со насилство. По стабилизирање  на стапката на економскиот раст во 2013-та, се очекува нејзино позначително зголемување во периодот 2014/2018.

Продолжувањето на реформите ќе овозможи  зголемен прилив на странски директни инвестици, пишува ,,Економист“ во анализата посветена на Македонија.

Условите за инвестирање се привлечни, а ризикот минимален.

„Политичкиот ризик во Македонија е на историски најниско ниво. Во 1997 земјата беше на 80-то место, а  сега е на 61-то. Се оценуваат низа фактори клучни за политичката стабилност и ефикасност, што можат да влијаат на способностите на државата да го отплаќа долгот или евентуално да предизвика турбуленции во извозот, стои во анализата на „Економист“.

Подобрениот рејтинг на земјава укажува дека ризикот по курсот, валутата и банкарскиот сектор во февруари годинава е на најниско ниво откако се спроведува истражувањето, пишува угледниот „Економист“ , а пренесува интернет - страницата на влијателниот „Блумберг“.

Свето Николовски