САД одобрија трета вакцина, прва од која е потребна само една доза
Оваа вакцина се чува во обичен фрижидер. Досегашните истражувања во САД покажале ефикасност од 86% при спречувањето на посериозни здравствени нарушувања.

Американската администрација за храна и лекови (ФДА) ја одобри употребата на вакцината на „Џонсон и Џонсон“. Таа е третата која доби зелено светло во битката против новиот коронавирус, но првата од којашто е потребна само една доза. Оваа вакцина се чува во обичен фрижидер. Досегашните истражувања во САД покажале ефикасност од 86% при спречувањето на посериозни здравствени нарушувања.
„Доколку натамошните испитувања покажат дека со втора доза би се подобрил отпорот кон вирусот, можно е да се воведе. ФДА ќе ги анализира резултатите од тестирањата на две дози кои се во тек. Резултатите ќе ги знаеме за два месеца ако се покаже зголемена ефикасност кај некоја високоризична група“, изјави доктор Френсис Колинс, директор на Националниот институт за здравство.
Во Аргентина скандал поради непотизам во редоследот за вакцинација. Министерот за здравство Гинес Гонзалес Гарсија поднесе оставка откако им помогнал на свои познаници преку ред да добијат доза.
„ Постојат приоритети, возрасните луѓе, учителите, медицинските сестри, полицијата, работниците, возачите во јавниот превоз. Треба да се почне со шоферите на автобусите, оние кои ги враќаат дома работниците. Владините функциоинери велат дека се борат за народот. Тие последни треба да добијат вакцина.“
„ Не можев да се пријавам за вакцинација. Овие луѓе нè ограбуваат. Тие се најлошите во историјата на Аргентина. 20-годишни момчиња се вакцинираа со прескокнување на протоколите.“
И покрај почнатата имунизација, бројот на заразени и натаму се зголемува. Нов Зеланд воведува седумдневно затворање во најголемиот град, двомилионскиот Оукленд поради појава на еден случај на заразен.
„За среќа, одреден период немавме жртви. Токму тоа е главната причина поради која ги преземаме овие строги, куси и остри мерки. Вирусот е смртоносен. Неодамна видовме поразителни бројки во САД во однос на загубени човечки животи“, рече Џакинда Ардерн, премиер на Нов Зеланд.
Во светот од Ковид-19 починале над два и пол милиона, а заболеле повеќе од 114 милиони луѓе.
Маја С. Филдишев
