Откуп на тутун до 31-ви март за да се докупат уште 1.500 тони

28.02.2021 16:15

Ќе се пролонгира откупот на тутунот до 31-ви март за да се докупат уште 1.500 тони тутун, рече министерот за земјоделство Хоџа на денешната средба со тутунарите во Прилеп. Ќе се чека Собранието да ги изгласа измените, а допрва ќе се реши кој да го купи тутунот, дали турски купувач или Прилепскиот комбинат. Тутунарите пак, допрва ќе разговараат со откупувачите за новата реколта, барајќи засега да нема склучување договори...

Ќе се пролонгира откупот на тутунот до 31-ви март за да се докупат уште 1.500 тони, а наредната недела ќе се знае кој ќе го преземе вишокот, им рече министерот за земјоделство Хоџа на тутунарите на денешната средба во Прилеп. Компаниите веќе купија 2.500 тони вишок. Според тутунарите има недооткупена четврта класа, но и квалитетен род. Ќе се чека Собранието да ги донесе законските измени за пролонгирањето на рокот, одговор од Турција или можност преку Прилепскиот комбинат да се докупи вишокот.

Тутунарите добија одговор дека ќе има субвенции за сите количества. Нема да потпишуваат договори за новата реколта додека не се договорат со откупувачите за нови цени, измени на правилникот за тутун и зголемено производство по декар.

Во законскиот рок, крајот на февруари, се откупени  вкупно 25.200 тони од кои 2.500 тони вишок тутун.

 

Елизабета Митреска