Лавина реакции за објавата на Георгиевски
Георгиевски го соопшти мастер планот на Заев за обезличување на идентитетот, немаме допирни точки со ставовите на поранешниот премиер. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на различни позиции по изнесениот предлог на поранешниот премиер. За прашањето, на протест во Скопје се појави и Македонската комунистичка партија...

Лавина реакции на политичката сцена по предлогот на поранешниот премиер Георгиевски за акциски план за решавање на релациите меѓу Скопје и Софија.
За ВМРО-ДПМНЕ овој предлог е во режија на премиерот Заев, кој како што велат, преку неговиот коалиционен партнер Георгиевски, го соопшти мастер планот за идентитетското обезличување, според кој Македонија треба дасе откаже од историјата, јазикот и континуитетот на нацијата.
„За ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо да се согласи владата дека македонскиот јазик бил всушност бил бугарски, дека тој бил јазикот на коресподенција на македонските револуционери. Неприфатливо е да се согласиме според тезата на Заев, пуштена преку Љубчо Георгиевски дека македонска нација е новосоздадена“, изјави портпаролот на опозициската партија, Арсовски.
Нашите ставови се различни од изнесените на Георгиевски. За идентитетот нема преговори, велат во СДСМ.
„Остануваме отворени за дијалог за изнаоѓање на решение меѓутоа повторувам уште еднаш, македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се тема на разговор. Нити се разговарало, нити во иднина ќе се разговра на оваа тема. Ставовите на господинот Георгиевски се негови лични ставови со којшто ние апсолутно немаме никакви допирни точки“, вели Георгиевска од СДСМ.
Пред Бугарската амбасада протести, но овојпат на Македонската комунистичката партија, при што побараа да не се посега во идентитетот.
Предлогот кој го објави експремиерот е во пет точки во кои, а меѓу другото, се бара Македонија да гарантира дека нема аспирација за Источна, односно Пиринска Македонија, и Бугарскиот парламент да донесе декларација за формирање на македонската нација и јазик во ’44-та.
Марина Стојанова Тонева
