Нов бран на Ковид-19, мерките остануваат исти

28.02.2021 16:40

Дали земјава влегува во третиот бран или е тоа резултат на убавото време, почестото дружење и поголемото невнимание на граѓаните. Мораме да се вакцинираме, вели епидемиологот Даниловски, со 85 насто населението се здобива со имунитет...

Очигледно ни се случува нов бран на Ковид -19. Причините што од средината на февруари растат бројките на заразени од вирусот се должат на поголемата раздвиженост на луѓето поради убавото време, како и нивната преумореност од постојано внимавање, вели за МТВ епидемиологот Даниловски. Ризикот се зголемува поради раздвиженоста и на оние кои веќе ја прележале болеста. Но, тие се безбедни само за себе, бидејќи дел од нив се сепак потенцијални преносители на вирусот.

Видниот епидемиолог предупредува дека е исклучително важно сите, вклучувајќи ги и прележаните и вакцинираните и натаму да ги почитуваме мерките сѐ додека најмалку 85 насто на било кој начин не станеме имуни. Дури тогаш, вели, конечно ќе можеме да се олабавиме.

Токму поради ова, потенцира нашиот соговорник, иако лично не се вакцинирал, бидејќи сѐ уште не му дошол редот, штом ќе дојде на ред ќе се вакцинира со која и да е вакцина што ќе биде на располагање.

Министерот Филипче неодамна изјави дека не би сакал да шпекулира за тоа кога ќе пристигнат првите пратки со вакцини за земјава.

 

Фиљана Кока