Македонска пошта почна со платниот промет

01.03.2021 12:19

Плаќањето во готово преку шалтерите на Пошта и натаму ќе биде со особено поволни провизии. Односно 35 денари за плаќање на сметки и други режиски трошоци, додека висината на провизиите за уплати кон буџетски установи е во зависност од износот кој се уплаќа.

Во одделни подружници на Македонска пошта од денес граѓаните повторно можат да ги плаќаат своите сметки и да вршат други плаќања во готово. Функцинирањето на платниот промет во Пошта, кој беше во неколкумесечен прекин, во првата недела од март ќе биде достапен во повеќе избрани подружници на Пошта и тоа: во Скопје 1 и Скопје 2,  подружниците во Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Гевгелија, Струмица, Штип, Кочани и Куманово. Во текот на март услугата ќе биде достапна и во сите останати единици на Пошта. Со ова граѓаните веќе нема да мораат, како во изминативе месеци, да одат во некоја банка за да ги извршат овој вид плаќања, туку тоа ќе можат да го направат во најблиската пошта.

Платниот промет на Македонска пошта отсега ќе се одвива преку Халкбанк АД Скопје, која беше избрана за партнер на Пошта, а која, согласно потпишаниот договор имаше обрска до 1 март да го имплементира системот за наплата за Македонска пошта.

Плаќањето во готово преку шалтерите на Пошта и натаму ќе биде со особено поволни провизии. Односно 35 денари за плаќање на сметки и други режиски трошоци, додека висината на провизиите за уплати кон буџетски установи е во зависност од износот кој се уплаќа.

Според најавите, во скоро време коминтентите на Халкбанк на шалтерите на Пошта ќе можат да вршат и директни плаќања од своите сметки, а ќе бидат овозможени и други банкарски, дополнителни услуги кои освен за коминтентите на Халкбанк, ќе бидат достапни и за сите кои ги користат услугите на Пошта.