Трамп: Можно е да се кандидирам за претседател во 2024 година
На годишната конференција за Конзервативна политичка акција во Орландо, поранешниот американски претседател најави дека е можно да се кандидира за истата функција во 2024 година.

„Јас ќе продолжам да се борам со вас и нема да направам нова партија, ќе останам во Републиканската“, порача Доналд Трамп во својот прв говор по напуштањето на Белата куќа на 20 јануари. На годишната конференција за Конзервативна политичка акција во Орландо, поранешниот американски претседател најави дека е можно да се кандидира за истата функција во 2024 година.
„Овде има толку прекрасни пријатели, конзервативци и сограѓани. Пред вас објавувам дека заедно почнавме неверојатно патување, успшено како ниедно досега. Го започнавме пред четири години, и далеку од крајот“, изјави Трамп.
74-годишниот бизнисмен и натаму одбива да го признае поразот на изборите и тврди дека резултатот е фалсификат иако досега не се најдени какви било докази за тоа.
„Џо Бајден го имаше најкатастрофалниот прв месец од сите претседатели во модерната историја. Тоа е вистината. Неговата администрација веќе потврди дека работи против нови работни места, против семејството, границите, енергетиката, против жените и против науката“, нагласи поранешниот претседател.
Поранешниот челник на Белата куќа и натаму ужива голема поддршка. Последната анкета покажала дека 55% од присутните на конференцијата повторно би гласале за него. За Трамп и натаму важи забраната за користење социјалните медиумски платформи, вклучувајќи ги Фејсбук и Твитер поради улогата во нередите во Конгресот во кои имаше жртви.
Маја С. Филдишев
