Организаторите на настани бараат поддршка од Владата

01.03.2021 14:50

Асоцијацијата за организирање настани веќе една година мирува, има забрана за работа и не организира настани. Велат дека не се препознаени од државата и немаат никаква помош.

Паркирани комбиња пред Владата, затворени кутии со према за озвучување, осветлување, снимање, преведување. Асоцијацијата за организирање настани веќе една година мирува, има забрана за работа и не организира настани. Велат дека не се препознаени од државата и немаат никаква помош.

„Сѐ она што го договаравме и се она што ние го побаравме од Владата не е ништо испочитувано. Донесоа мерки кои за никого не се разбирливи, не ги објаснија и затоа бараме час поскоро да седнеме и да разговараме. Ивент индустријата не само во Македонија туку и во целиот свет е втора по загрозеност од ковид пандемијата, по авиотранспортот е забавната индустрија. Владата час поскоро треба да изнајде начин да ја спаси ивент индустријата“, изјави Маја Бабиќ- Асоцијација на ивент индустрија.

Асоцијацијата има 40-тина членки и опфаќа бројни професии: организатори на настани, фирми за издавање опрема, техничка поддршка, видео и аудио продукции, слободни уметници, фриленсери.

„Многу професии се загрозени, не можеме да кажеме бројка, сметаме дека се повеќе од 20 илјади луѓе кои што навистина страдаат. Вие гледате дека и музичарите се тие што се многу загрозени. Мора да изнајдеме решение“, вели Бабиќ.

Компаниите од ивент индустријата бараат дијалог со Владата за изнаоѓање прифатливо решение, слично на моделот за ноќните клубови, за да се ублажат последиците од забраната на работа што трае веќе една година. Свесни сме за растот на бројката на новозаболени што го прави неизвесно евентуалното олеснување на протоколите, вели Бабиќ, бараат помош и поддршка, затоа што е загрозен опстанокот на оваа индустрија.

 

Свето Николовски