Куманово

Почна првата фаза од пописот на населението

01.03.2021 14:45

Лицата од казнено-поправниот дом во Куманово беа првите со кои денеска почна пописот на населението. Во првата фаза на пописот опфатени се вработените во дипломатско- конзуларните претставништва и нивните семејства, дијаспората, припадниците на армијата во странство, затворениците и бездомниците. Министерот за правда и директорот на Државниот завод за статистика оценија дека засега пописот се одвива во најдобар ред. Тие повторија дека оваа операција е во интерес на сите граѓани...

Почна првата фаза од пописот. Од денеска се попишуваат лицата кои се наоѓаат во странство, во служба на Армијата, казнено-поправни и воспитно-поправни установи, лица од дипломатско-конзуларните претставништва и членови на нивните семејства, како и бездомниците. Лицата од казенено-поправниот дом Кшање во кумановско, беа меѓу првите кои ја искористија оваа граѓанска обврска.

Денеска се попишуваат само затворениците од Казенено- поправната установа „Кшање“, а наредните денови пописот ќе се спроведе и во останатите затвори низ државата. Оваа обврска ќе можат да ја остварат 2.200 затвореници.

Увид во попишувањето во кумановскиот затвор извршија министерот за правда и директорот на Државниот завод за статистика. Според нив, пописот засега се одвива во најдобар ред и согласно правилата пропишани од надлежните институции, но и здравствените протоколи. Министерот Маричиќ апелираше до граѓаните дека ова е важна операција за понатамошниот развој на државата. Тој упати порака и до политичките фактори да запре политизацијата на пописот.

„Собирањето на овие информации е корисно за сите да можеме да ги креираме политиките во образовна смисла и во финансиска, и економска, здравствена во сите аспекти. Мислам дека сите дискусии завршија минатата недела откако и Евростат верификуваше со јавна изјава и законот за попис и методологијата според која се спроведува се направени согласно највисоките стандарди“, изјави министерот за правда, Бојан Маричиќ.

Првиот човек на Државниот завод за статистика појасни дека апликацијата за самопопишување е функционирална, а иселениците веќе активно ја користат.

Апликацијата е многу едноставна, на нашата веб страница и досега она што го добиваме како информација е дека имаме постојано самопопишување од страна на нашите државјани, искрено не знам дали има одредени проблеми, меѓутоа на нашата веб страница сите можат да се обратат со каков било проблем. Јас ја имам информацијата дека постојано тече самопопишувањето, дека нема прекин“, посочи директорот на ДЗС, Апостол Симовски.

Симовски објасни дека согласно законот предвидени се два вида на санкции. Лицата кои што ќе одбијат или ќе даваат лажни податоци ќе се соочат со пријави со казна од 200 до 300 евра, како и втората е со кривична одговорност, за злоупотреба на податоци, при што максималната казна е до 5 години затвор. Пописот на целото население ќе се спроведе од 1-ви до 20-ти април.

Елена Георгиевска