Филолошки факултет: Тврдењата на Коцарев се невистинити

01.03.2021 15:09

Доколку некој поединец или институција би се осмелиле да посегнат по интегритетот на Катедрата за македонски јазик, сите до еден ќе се заложиме тоа да го спречиме, преку отворено писмо се огласија професорите по тврдењата на претседателот на МАНУ за укинување на оваа катедра. Академик Коцарев, пак, за Македонската телевизија вели- сите досегашни изјави, текстови поврзани со ова се негови лични...

Преку отворено писмо до јавноста со 16 потписи, професори од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици се огласија во врска со тврдењата на претседателот на МАНУ, Коцарев за укинување на оваа катедра. Од деканатот велат дека станува збор за целосни невистини и манипулации.

На Филолошкиот факултет не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност. Ја уверуваме македонската јавност дека доколку некој поединец или институција би се осмелиле да посегнат по интегритетот на Катедрата за македонски јазик, сите до еден ќе се заложиме тоа да го спречиме со сите средства и на сите начини“, се вели меѓудругото во отвореното писмо.

Академик Коцарев за МТВ даде своевидно објаснување како одговор и на писмото, и на претходната реакција од раководителката на катедрата, Искра Пановска- Димкова.

„Се радувам што на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност. Посакувам во идните реорганизации на Факултетот рамо да рамо со различните отсеци, секогаш да бидат вклучени и отсеците за македонски јазик и јужнословенски јазици и за македонска книжевност и јужнословенски книжевности“- образложи академик Коцарев, додавајќи дека сите досегашни изјави и текстови поврзани со ова се негови лични изјави, со единствена цел заедно и достоинствено да се прослави годината на Блаже Конески.

Не само што никому не му паѓа на памет за укинување, туку сите напори се насочени кон се поголема афирмација и промоција на македонскиот јазик, посочи премиерот Заев. Претстои дигитализација за негова употреба секаде во светот, во Европската унија и особено од нашата дијаспора, додаде Заев кој посочи дека е добро што невистинитите информации биле разјаснети.

 

Фиљана Кока