Пелистер му ја посвети победата на Петар Милошевски

18.03.2014 19:38

Екипата на Пелистер ја совлада пред своја публика Македонија Ѓорче Петров со 2-1 и му ја посвети победата на прерано починатиот Петар Милошевски, кој ја почна кариерата во својот роден град и во фудбалски заштитниот знак на Битола.

Ова беше последниот натпревар од 22-то коло во нашето фудбалско првенство што беше одложен поради трагичната загуба на  нашиот легендарен голман.

Десетата победа во прволигашката конкуренција, пелистерци ја обебедија во драматична завршница. Гостите од Скопје, кои грчевито се борат за избегнување на опасната зона на табелата поведоа уште во првата минута од натпреварот преку Адем.

До втората победа на последните пет првенствени дуели, битолчани дојдоа со пресврт во второто полувреме. Го најави бугарскиот дефанзивец Ковачев со прекрасен гол од слободен удар во 67-та минута, а ја потврди неговиот сонародник од напаѓачкиот ред Воденичаров во последната минута од натпреварот од пенал за три нови бода.

Пелистер се зацврсти на четвртата позиција на прволигашката табела, додека Македонија ЃП останува десетопласирана во зоната за испаѓање.