Сѐ уште не се знае кога ќе стигнат вакцините

01.03.2021 14:28

Не се знае точно кога ќе стасаат вакцините и ќе почна масовната вакцинација кај нас. Премиерот Заев вели денови се во прашање, но не знаеме точно кога. Најави- почната е уште една постапка, за набавка на 200 илјади кинески вакцини, формализирана е документацијата за „Спутник“...

Нема точен датум кога вакцините против ковид ќе пристигнат и кога ќе започне имунизацијата на населението. За кинеските „Синофарм“ кои требаше да пристигнат до крајот на февруари, сега премиерот Заев вели денови се во прашање кога ќе бидат товарени на пат за земјава. Тој наскоро очекува позитивни вести, вели направиле се за првите дози што е можно поскоро да пристигнат кај нас. Уплатениот аванс за набавката бил повлечен, бидејќи се чека потврдата од кинеското министерство за надворешни работи, појасни премиерот, кој уверува дека не се станува збор за откажување на договорот.

„Не е добро да стојат пари на странска сметка, но процедурата е во тек. Јас и денеска чекам инфортмација од Кина, за веднаш да ја продолжиме постапката за набавка на кинеските вакцини. Не можеме да си дозволиме пари да лежат во оваа земја додека не се заврши постапката. Ќе чекаме прво да се заврши работата, па потоа да ги уплатиме парите. Денеска очекувам позитивен сигнал или информација од Кина за веднаш да ја почнеме таа постапка“, изјави премиерот Заев.

Премиерот вели почната е уште една постапка, за набавка на 200 илјади кинески вакцини, а формализирана е и документацијата за руската вакцина „Спутник“. Министерот Филипче вели дека со набавката на вакцини од сите земји се бараат дополнителни документи, со што процесот станува подолг, но, и тој верува дека преговорите наскоро ќе финишираат и ќе ги добиеме бараните колични. Министерката за одбрана Шекеринска, пак, вели дека во сите земји на Европската унија има незадоволство и фрустрации поради недостигот од вакцините, но смета дека е добро што барем здравствените работници се имунизираат, а во втората фаза тоа ќе се случи и со армијата и полицијата.

И додека надлежните немаат конкретен датум кога ќе почне масовната имунизација, опозицијата бара одговорност и оставки.

Андријана Атанасовска