Заев: Георгиевски изнесе лично мислење

01.03.2021 15:30

Владата ниту преговара, ниту преговарала за македонскиот идентитет и јазик. Ставовите што Георгиевски ги сподели за решавање на спорот со Бугарија се негово лично мислење, вели премиерот Заев. Соседите секогаш имале свои инсталации кои работеле против државните инетерс, изјавија од ВМРО- ДПМНЕ...

Изнесените мислења на Љубчо Георгиевски, лидер на ВМРО – НП се негови лични ставови и не се ниту на Владата ниту на коалицијата – изјави премиерот Зоран Заев. Владата ниту преговарала, ниту ќе преговара за македонскиот идентитет и македонскиот јазик, рече тој откако во јавноста Георгиевски понуди план за решавање на спорот со Бугарија.

Заев и Георгиевски работат координирано, став на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Генералниот секретар Сајкоски посочува дека со формирањето на државите на Балканот започнало негирањето на македонскиот народ.

Разговорите со Бугарија се во мирување – посочи премиерот Заев. Не е време сега да разговараме кога во тек е изборна кампања кај соседот. Историските прашања, рече тој, не може да ги решиме јас и Борисов, тоа е работа на историчарите.

Инаку, Георгиевски покрај останатото предлага декларација оти македонскиот јазик и нација се формирани по ’44-та, бришење на содржини во учебниците за кои бугарската страна ќе оцени дека се навредливи, а истакнати личности дека биле учители на бугарската егзархија.

 

Миле Ристески