Собранискиот состав е нефункционален
Неделава се очекува да продолжи некоја од пленарните седници во Собранието- ова било договорено на координативната средба со собранискиот претседател Џафери. Според ДУИ, парламентарното мнозинство е стабилно, за СДСМ, критиките се оправдани, ќе бидат надминати. Од ВМРО- ДПМНЕ не се оптимисти дека наскоро ќе профункционира законодавниот дом...

Координаторите на пратеничките групи на состанок кај претседателот на Собранието, Џафери. Договориле неделава да продолжи некоја од закажаните пленарни седници. СДСМ и ДУИ тврдат дека мнозинството е стабилно, иако изминатиов период не можеше да се обезбеди форум за да се гласаат закони. Тоа го призна и Џафери, кој рече дека има пратеници кои не доаѓаат на работа. Социјалдемократите велат дека се оправдани критиките на сметка на Законодавниот дом, но уверуваат дека проблемите наскоро ќе бидат надминати.
„Во тек се политички консултации со пратеничките групи, по што очекуваме ова многу брзо да биде надминато, и Собранието ќе почне да ја извршува својата улога без разлика на политички различните мислења кои ги имаме по други теми“, изјави пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ.
И покрај тоа што пратеници од ДУИ не се појавуваа на работа, Интегративците негираат дека има недоразбирања во нивните редови. Според нив, мнозинството е стабилно, а ДУИ не е причината за нефункционалноста на Собранието.
„И на денештата кординација имавме договорено дека нема недоразбирања во ДУИ, сите прашања се решаваат преку дијалог, пратениците дале изјава. Ја подржуваме политиката на оваа Влада“, изјави Арбр Адеми од ДУИ.
Од пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ, пак, не се оптимисти дека наскоро ќе профункционира Законодавниот дом. Затоа, во партијата сметаат дека е крајно време да се размислува за предвремени парламентарни избори.
„Пленумот на Собранието многу тешко функционира, седниците функционираат мачно, се одложуваат, а собраниските тела функционираат, комисиите функционираат. Проблемот не е кај опозицијата, туку кај мнозинството, кое не може да обезбеди кворум и за најклучните закони во државата“, изјави Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ.
Последната седница Собранието ја почна на 16 февруари, но беше прекината поради немање кворум. Спикеркот Џафери јавно ги опомена пратениците дека треба да доаѓаат на работа.
Марина Стојанова- Тонева
