Ставена во фунцкија модуларната болница во Охрид

01.03.2021 16:06

Од попладнево заболените од коронавирус во охридската општа болница се дислоцираат од инфективното одделение во новоизградената модуларна болнива. Тоа ќе придонесе да се намали притисокот врз другите оддели каде што досега се сместуваа дел од заболените и тие ќе можат да работат со нормалната патологија. Инаку бројот на заболени од Ковид-19 во Охрид не се намалува, а дури 70 проценти од нив се заразени од британскиот сој на вирусот...

Од денеска во функција е ставена модуларната болница во Охрид. Претпладнето медицинскиот персонал ги заврши сите подготовки за попладнево и утре во овој објект да бидат преместени сите ковид пациенти од инфективното одделение. Условите во модуларната болница се според светските стандарди и единствено што треба да се направи во најкус можен рок е инсталацијата на централниот довод за кислород.

„Секако за овој оддел ќе треба ангажман на повеќе персонал затоа што се 36 кревети. Во моментов имавме состанок со главните сестри од оддели , претходно директорот со раководителите на оддели околу организација на работата. Секако секој оддел ќе партиципира со свој персонал, со ротација и така да се организира работата се во интерес на пациентите, да се даде потребната нега“, изјави Анета Волканоскаглавна сестра во Инфективното одделение.

Охридската Општа болница доби уште осум контејнери за проширување на модуларната болница и веќе отпочнаа работите за нејзино проширување што секако дека нема да се одрази врз функционирањето на новиот објект.

„Ќе ставиме уште 8 контејнери, уште 10 метри ќе ја продолжиме или уште околу 15 пациенти да можеме плус да сместиме, така што ги прошируваме капацитетот на околу 55-60 кревети и на некој начин да имаме за наредниот период доволно кревети за да моижеме другиот дел од болницата да го растеретиме, хирургија, интерно, нервно да работат со нормална патологија“, вели д-р Горан Балевски- директор на Општа болница- Охрид.

Инаку бројот на заболени од коронавирусот во Охрид веќе подолг период е ист и се движи помеѓу 50 и 60, а секојдневно се регистрираат нови позитивни лица. Во моментот во градот има над 400 активни случаи што е огромна бројка во однос на вкупниот број на жители. Дури 70 проценти од нив се заразени од британскиот сој на вирусот.

 

Сашо Нелоски