Велес: Несовесни граѓани создаваат диви депонии со отпад
Купиштата смет на повеќе локации во Велес. Се создаваат диви депонии со отпад. Општина ги потсетува граѓаните да постапуваат во рамките на Законот за управување со отпад. Екологистите апелираат да се чува природата...

Дел од граѓаните на Велес покажуваат ниска еколошка свест и отпадот го оставаат на јавните површини. Така на приодите во градот има диви депонии со смет, грда слика за лошите навики. Локалната власт ги чисти, а неодговорни граѓани ги создаваат. Купиштата смет ги има на повеќе локации.
Иако Општина Велес потсетува, граѓаните да постапуваат во рамките на Законот за управување со отпад, да се воздржат од негово оставање на јавни површини, тоа во пракса не се почитува. Екологистите изненадени зошто дел од велешани, постапуваат така.
Вкупно во 2020-та година собрани се и транспортирани на соодветна депонија повеќе 2 илјади м3 отпад. Минатата година собран е и градежен шут и тоа во количество од 9,4 илјади м3, далеку најмногу во однос на претходните години.
Екологистите апелираат до граѓаните- чувајте ја природата. Во градежниот шут кој е фрлен на несоодветни места, доминира земја и камења. Тој завршува на јавни површини, иако градот има одредена локација, каде да се депонира.
И додека општинските власти, велат, ја растоваривме почвата од градежен шут и габаритен отпад, други за кратко време природата повторно ја товараат.
Петар Печков
