За 24 часа попишани над 10 илјади македонски државјани во дијаспората

02.03.2021 14:40

За 24 часа биле попишани над 10 илјади македонски државјани во дијаспората, соопшти директорот на Државниот завод за статистика, Симовски. Вели, појавените мали неправилностите со апликацијата за попишување се надминати и системот функционира добро. Премиерот Заев со оценка дека пописот не е нарушен со обиди да се попишат лица од земјава. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак поради неправилностите што се појавиле во системот за попишување на дијаспората се сомнева дека пописот ќе биде неверодостоен...

Страницата не е хакирана, за 24 часа биле попишани над 10 илјади лица и системот функционира добро, тврди директорот Апостол Симовски, кој призна дека на почетокот имало мали неправилности што се остранети. Според Симовски, системот за попис е одлично заштитен и за секој што ќе се обиде да го изманипулира од својот компјутер во Македонија, да се регистрира како дијаспора, ќе има кривична постапка. Премиерот Заев смета дека започнатиот попис на дијаспората не може да биде нарушен.

Процесот на попишување на дијаспората не може да биде нарушен со попишување на лица од територијата на земјава, бидејќи системот и компарацијата на податоците со дата базите тоа ќе го откријат и поништат“, изјави прмиерот Заев.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се сомнева дека нефункционалноста на системот за попишување на македонските државјани во странство е показател дека пописот е неверодостоен. Сметаат дека кривичната одговорност е кај директорот на статистика Симовски, а не кај граѓаните кои успеале да го пробијат системот.

„Имаме неефикасен систем, којшто ќе даде неверодостојни податоци, а кривичната одговорност за таквиот неефикасен систем е лично кај директорот на Заводот за статистика. Ова е уште еден показател дека пописот е многу сомнителен и дека податоците од истиот нема да бидат веродостојни“, рече Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Пописот треба да се одржи од 1 до 21 април оваа година за граѓаните коишто се во земјава. Од 1 март преку интернет се попишуваат македонските граѓани во странство.

 

Ирина Гелевска