Пендаровски: Бугарија се меша во внатрешните работи на нашата земја
„Бугарија се меша во внатрешните работи на нашата земја што е спротивно на потпишаниот договор за добрососедство“, вели претседателот Пендаровски откако неговиот бугарски колега Радев, побара од специјалните служби да преземат мерки за заштита на Бугарите во Северна Македонија. Порака испрати и премиерот Заев. Појасни дека во разговорите, двете земји одат чекор понатаму кон немешање во малцинствата, чии права се решаваат при Советот на Европа...

„Бугарија се меша во внатрешните работи на нашата земја што е спротивно на потпишаниот договор за добрососедство“. Ова е ставот на шефот на државата Пендаровски откако неговиот бугарски колега Радев побара од специјалните служби да преземат мерки за заштита на Бугарите во Северна Македонија. Во реакцијата на Пендаровски се наведува дека до овој момент тој нема добиено ниту една информација од надлежните институции за кршење на човековите права и слободи само затоа што граѓани ја декларирале етничката припадност.
„Крајно невообичаено и секако надвор од внатрешните процедури на Алијансата е претседател на една земја-членка на НАТО да ги повикува своите служби за безбедност да реагираат за наводно кршење на правата на граѓани во друга земја-членка на НАТО. Реакцијата на бугарскиот претседател е спротивна и на основниот принцип во меѓународната политика за немешање во внатрешните работи на друга држава“ - се вели во реакцијата од Кабинетот на Пендаровски.
Порака до Бугарија испрати и премиерот. Заев појасни дека во разговорите двете земји одат чекор понатаму кон немешање во малцинствата чии права се решаваат при Советот на Европа и затоа нема потреба од испраќање на разузнавачки служби.
Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева за БНТ изјави дека е недопустливо во 21 век да не се признава правото на самоопределување кога повеќе од 100 илјади граѓани во земјава имаат и бугарско државјанство.
Анита Димитријевска Велковска
