Се бира изведувач на секундарната гасоводна мрежа

02.03.2021 15:33

Во Министерството за економија во тек е постапката за избор на изведувач на секундарната гасоводна мрежа низ општините. Не мора да има магистрални гасоводни краци до секоја општина за таа да биде гасифицирана, изјави министерот за транспорт и врски. Начинот на гасифицирање на општините ќе го понуди компанијата – изведувач на работите...

До крајот на годината магистралните гасовидни краци од Неготино кон Битола и Гостивар ќе бидат завршени, а Министерството за економија веќе работи на избор на фирма која по пат на јавно-приватно партнерство ќе ги гасифицира општините. Интерес за сега пројавиле неколку компании од Турција. Според Министерот за транспорт и врски, не мора да има магистрален гасоводен крак до секоја општина за таа да се гасифицира.

Завршена е проекцијата на гасоводот од Неготино кон Гевгелија, до крајот на годината ќе биде распишан тендер за негова изградба, со што државата ќе има и втор приклучок на гас од јужната граница – информираше Бочварски кој денес заедно со директорот на ЈП за државни патишта изврши увид во изградбата на експресниот пат Штип – Кочани, сообраќајна артерија која го поврзува источниот и централниот дел на државата.

Експресниот пат Штип- Кочани е долг 28 километри, чини 37 милиони евра, поврзан е со автопатот Штип - Миладиновци и за околу 170 илјади жители од истокот значи безбедно сообраќајно решение за разлика од сегашниот регионален пат каде често се случуваат сообраќајни незгоди. Градежните работи треба да завршат до крајот на годината.

 

Славица Величковска