За субвенционирање на платите за февруари компаниите може да аплицираат во текот на март

02.03.2021 15:53

Вицепремиерот Битиќи и министерот за финансии Бесими на средба со стопанствениците. Во фокусот петтиот пакет мерки. За субвенционирање на платите за февруари, компаниите може да аплицираат и во март, вели Битиќи. Според првиот финансиер, буџетот е во добра кондиција. Очекува до крајот на годината, остварување на проектираното- раст од 4,1 насто. Претседателот на Стопанската комора на Македонија Азески со став - иако со пропусти, подобро поминавме од она што се надевавме...

Компаниите ќе можат да аплицираат за финансиската поддршка за плати цел март наместо до десетти во месецот. Вицепремиерот Битиќи посочува дека оваа измена е направена поради состојбите во Собранието, каде законот сѐ уште не се најде на дневен ред . Една од можните опции вели е и можноста работодавачите сами да исплатат плата за февруари, а парите да им бидат вратени. На потребата од итно носење на економските закони повика и бизнисот.

Ресорниот министер Бесими уверува дека пари има буџетот, и дека тој е ликвиден. Појаснува дека обврските се сервисираат. Економските активности се засилуваат и во февруари се очекуваат повисоки приходи.

По една година пандемија, економијата е добро менаџирана, вели првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Азески. Посочува дека соработката меѓу јавниот и приватниот сектор постигнала забележително ниво.

 Формирање Фонд за извозните компании преку Развојната банка, дигитализација на услугите, намалување на царинските стапки и подобрување на системот на јавни набавки се дел од барањата кои бизнисмените ќе ги добијат со цел олеснување на бизнисот во услови на Ковид криза.

 

Дијана Ценевска