Какво влијание имаат боите врз човекот

02.03.2021 17:26

Светот без бои е незамислив, едноличноста е неподнослива и затоа боите имаат голема улога и влијание на животот на човекот.

Многу е важно со какви бои е обоен нашиот простор кој не опкружува, домот, работното место, училиштата, просторот во кој се одмараме , учиме, готвиме, јадеме... Многу студии ја потврдуваат психолошката, физиолошката, биолошката и естетската функција на боите. Преку боите може да се искаже нашата автентичност, да се поттикне креативноста, расположението, мотивацијата и продуктивноста. Може да се промени и намената на просторот. Боите се еден од факторите за успешна продажба на производите, тврдат маркетиншките експерти, затоа што дури во 85% случаи бојата била пресуден фактор да се купи нешто.

Се ова е важно доколку знаеме како да ги комбинираме боите според функцијата на просторијата, можеби и за да ги надополниме недостатоците на просторот. Ова подразбира дека треба да се познаваат карактеристиките и ефектите на боите и нивната комбинација. Добро е кога би можеле изборот и комбинациите да им гопрепуштиме на професионалци кои се непогрешиви во одбирањето за подобра функционалност на просторијата. Но доколку тоа го правите сами, еве неколку совети од стручњаците.

Фунционалноста секогаш треба да биде пред естетиката

Сите имаме омилени бои, но кога одбираме нијанси за одредена просторија, функционалноста треба да биде пред естетското доживување. Изборот зависи од повеќе фактори; светлина, температура, ориентираност кон исток или запад, север или југ, големината на просторијата и евентуалните недостатоци кои треба да се прикријат.

Ако е на северната страна, пожелно е да се употребат топли бои, како црвена, портокалова или жолта. Тие се препорачуваат во просториите кадешто се престојува најмногу, односно дневната соба, затоа што поттикнуваат пријатни чувства и комоција. Препорачливо е црвената боја да не преовладува, туку само умерени детаљи, бидејќи како моќен психофизички стимуланс може да предизвика вознемиреност и нервоза. Бидејќи темните бои визуелно го смалуваат просторот, се препорачуваат само за големи простории.

Топлите и светли простории насочени кој југ, може да имаат студени нијански како сина, зелена или виолетова. Истражувањата покажале дека луѓето во зелено-сина просторија чувствувале за 3-4 степени пониска температура отколку во портокаловата, иако двете соби имале иста температура на воздухот. Зелената и сината се препорачливи за санитарни простори поради тоа што создаваат чувството на свежина. Особено се добри светлите нијанси на сина и зелена боја за мали бањи, затоа што визуелно го зголемуваат просторот. Неутралните и пастелните бои и даваат мир на спалната соба, а светкавите разиграни детаљи и бои создаваат привлечен простор за децата.

Боите ја зголемуваат продуктивноста за работа, но и продажбата на производите

Големите компании со години се потпираат на привлечноста и на психологијата за боите, за да ја зголемат продуктивноста на вработените како и продажбата на производите. Изборот на бои во работното опкружување е важен затоа што тука се поминува голем дел од денот. Тоа е како втор дом. Затоа се препорачливи студени бои кои создаваат мирна атмосфера и впечаток дека времето побрзо поминува. Сината е идеална за стимулирање на умот, па затоа е поплурна во сметководствените бироа. За креативните професии, дизајнерите препорачуваат жолта, а за баланс и поголема продуктивност зелена боја.

Секако се препорачува и комбинација на повеќе бои за да се искористат ефектите на секоја од нив. Бојата во продажните салони се избира во зависност што сакате да предизвикате кај потенцијалните купувачи. Одредени бои се врзуваат за брендовите на компаниите, за да предизвикаат чувство за препознатливост и блискост. Сината поттикнува спокој и доверба, Црвената буди чувство на моќност и служи за нагласување и поттикнување на апетитот во угостителските објекти.

Човечкото око разликува приближно 10 милиони нијанси и бои, Употребете ја фантазијата и инспирацијата за да создадете пријатен и ефектен простор за живеење, работење, дружење, учење, вежбање или одмор.

Соња Стојановска