Пописот се одвива без проблеми, апликацијата за дијаспората е безбедна

03.03.2021 10:11

Првата фаза од Пописот на населението, домаќинствата и становите почнa завчера со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на Армијата во странство, затворениците и бездомниците...

Апликацијата за попишување наменета за дијаспората е безбедна и дека до неа може да се пристапи само од ИП адреса во странство, соопшти вчера Дрвжавниот завод за статистика и нагласи дека секое нарушување на процесот на прибирање на податоци е казниво со Законот за попис, а реакцијата следуваше откако во јавноста излегоа информации дека апликацијата за попишување на дијаспората е небезбедна.

Првата фаза од Пописот на населението, домаќинствата и становите почнa завчера со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на Армијата во странство, затворениците и бездомниците.

До апликацијата може да се пристапи само со IP адреса од странство. Пристапот од Република Северна Македонија е оневозможен, токму поради тоа што Апликацијата е наменета само за државјаните на РСМ кои живеат надвор од РСМ, но секое нарушување на процесот на прибирање податоци е казниво со Законот за Попис, односно согласно член 49 од Законот за Попис на населението, „тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописната апликација, ќе се казни со казна затвор од најмалку три години, соопштија од ДЗС.

Од таму потенцираат дека внесувањето на податоци преку ВПН или прикриена ИП адреса, односно самото користење на таква алатка за внес на податоци во Пописот се смета за спротивно на Законот за Попис и Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот 2021, и може да подлежи на санкции, од причина што претставува лажно претставување и лажно давање податоци.

Од ДЗС посочуваат дека со самиот внес на податоците на таков начин, не значи дека тие автоматски влегуваат во резултатите од Пописот, напротив, сите податоци внесени преку апликацијата подлежат на проверка и споредување со претпописната база на податоци, со податоците што ќе се приберат со попишувањето на терен на целата територија на Република Северна Македонија, а сè со цел утврдување на вистинитоста на податоците.

Премиерот Зоран Заев вчера нагласи дека процесот на попишување на дијаспората не може да биде нарушен со попишување на лица од територијата на земјава, бидејќи системот и компарацијата на податоците со дата базите тоа ќе го откријат и поништат. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, вчера со критика до Владата дека не е способна да организира попис.