Пеинтер: Македонија веднаш да биде примена во НАТО

19.03.2014 09:42

Во случајот на Македонија, историјата се повторува и време е НАТО да ги поправи грешките од самитот во Букурешт, вели американскиот аналитичар од Труман Безбедносниот Проект и Институт, Сали Пеинтер. Според Пеинтер, Македонија е квалификуван и предан партнер на Алијансата и САД треба да ја натераат Грција да не става вето на приемот на Македонија на престојниот самит во 2014-та...

НАТО треба да се засрами што дозволува членството на Македонија  неколку пати да се задржува поради една земја членка и што Македонија како квалификуван, предан партнер на Алијансата во сите мировни мисии е оставена настрана поради спор со име, вели американската аналитичарка од Труман Безбедносниот Проект и Институт, Сали Пеинтер.

„Дефинитивно се надевам дека самитот во Кардиф ќе биде самит за проширување. Државната секретарка Клинтон рече дека вратата на НАТО е отворена и со настаните во Украина и на Крим, сојузниците добија повик за будење, проширувањето да се врати на маса. Треба јасно да понудиме Акционен план за членство на Грузија и покани за Македонија и за Црна Гора. Потребно е  да ја обезбедиме Европа како цела и слободна и сега е време за тоа да се направи“, изјави Пеинтер за МРТ.

Самитот на НАТО во септември е можност сојузниците да ја поправат грешката во случајот на Македонија. Не треба да се менува НАТО, туку САД да ја натераат на промена Грција, вели Сали Пеинтер.

„Мислам дека Соединетите Американски држави и Претседателот Обама треба да предводат во ова, како и европските сојузници да бидат лидери за решавање на членството на Македонија. За срамота е ваквата одлука за земја која учествува во Авганистан и Ирак и ги исполни сите потребни критериуми за НАТО. САД треба да бидат лидери и да ги натераат нашите грчки пријатели да го направат она што е добро. Не се работи за Грција и за името, туку за алијансата на вредности и Македонија заслужува да биде во неа“, додава Пеинтер. 

Се чини Алијансата не научи ништо од случајот со Македонија иако има пресуда од Меѓународниот суд за правда дека Грција не смее да го блокира членството на Македонија во НАТО- вели американскиот аналитичар Сали Пеинтер.

Македонија веднаш да биде примена во НАТО, ова е пораката што американските експерти му ја соопштуваат на Генералниот Секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен при неговата посета на Вашингтон.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник на МРТ од Вашингтон