Грција

Нема жртви во земјотресот во Лариса, причинета е материјална штета

03.03.2021 15:49

Земјотрес со јачина од шест степени според Рихтер го погоди централниот дел на Грција, со епицентар во градот Лариса. Според првичните информации нема сериозно повредени лица. Потресот беше почуствуван и во државава...

По земјотресот од шест степени по Рихтер што ја погоди Лариса во централна Грција, луѓето ги преполнија плоштадите и улиците низ градот, каде што се чувствуваат најбезбедно. Вработените ги напуштија работните простории, а учениците беа евекуирани во училишните дворови. Жителите велат - земјотресот беше силен и траеше долго.

„Сѐ се случи одеднаш и се исплашивме. Јас живеам на петтиот кат и искуството беше застрашувачко. Се надевам дека ова беше главниот потрес“, вели локален жител.

„Во моментот на земјотресот, учениците беа во училницата. Ги следевме вообичаените училишни процедури за инциденти од ваков вид и според планот за евакуација, ја евакуиравме зградата. Сите ученици се собраа во училишниот двор и сега чекаме да помине некое време пред децата да бидат пратени дома“, изјави директорка на училиште.

Во силниот земјотрес почувствуван и во други делови од Грција, нема човечки жртви, но причинета е материјална штета. Разурнати се неколку објекти, меѓу кои и две цркви. Властите во Лариса ги повикаа жителите во прво време да не се враќаат во домовите, поради силните последователни потреси, од кои два беа со јачина од пет степени по Рихтер.

 

Марија Котовска