Зошто е важно да се грижите за себе и како да го најдете патот до своето средиште
Грижата за себе може да ни послужи како потсетник колку сме важни и дека вложувањето во себе е вреден потфат. Бомбардирани сме од разни толкувања на себељубието или грижата за себе како прва најважна обврска во животот, книги за самопомош, мотивациски содржини итн. Дали навистина знаеме што е грижа за себе и како ја практикуваме?

Грижата за себе може да ја толкуваме и како враќање кон себе и својата суштина. Денешната динамика, пред нас става многу аспекти на животот кои секојдневно ни одземаат и време и внимание, па лесно забораваме на своите исконски потреби. Грижата за себе значи да се сетиме на патот по кој можеме да се вратиме малку назад, кон себе и да се погрижиме за својата психичка и физичка добробит. Тоа ќе донесе повисок квалитет на животот за здравјето, за меѓучовечките односи и за креативност, работоспособност, воспоставување баланс меѓу очекувањата и можностите, соочување со реалноста и прифаќање на нештата без длабоко вознемирување кое го блокира функционирањето.
Одлуката да се грижиме за себе ќе ни помогне да обликуваме дел од својата сегашност. Можеме да ја поврземе со исхраната, негата, полнењето на батериите во природа, ситни задоволства и радости, значи со една севкупна реставрација на нашиот живот.
Тоа е основно за нашето добро, како што се неопходни воздухот и водата, за да бидеме функционални и вистински живи.
Дали сме го заборавиле патот до себе си? Самосвесноста е првиот чекор во спознавање на неопходното за да почнеме да водиме грижа за себе, прво да сме задоволни ние, за да сме во форма и да им дадеме помош и поддршка и на другите околу нас. Тоа е формулата за нашето менатално здравје.
Речиси сите ние имаме улога на некој што помага и служи на другите, како на пример учители, психолози, терапевти, фризери, архитекти, чистачи, сметководители, доктори, родители, партнери, пријатели итн. Да се биде тука за другите може да ни даде чувство на сврха и животно исполнување. Истовремено можеме себе си да се дадеме на работата или во семејството, толку многу, што за нас останува премалку. Затоа е важно прво да се погрижиме за себе. Во спротивно ќе ни снема енергија, воздух, ќе го намалиме капицитетот и потенцијалот што го имаме. Нашата најдобра верзија на себе си ќе биде добар пример и за нашите деца и за другите, ќе можеме да ги храбриме да го направат истото за себе.
Како изгледа грижата за себе практично?
Грижата за себе може да претставува различни работи за различни луѓе, зависно од периодот во животот, од средината и културолошкото опкружување, свесноста , од емоционалната интелигенција, степенот на образованието, од менталниот склоп итн. Може да биде нешто мало или нешто големо, може да биде поврзано со физичката, менталната, финансиската или духовната состојба на личноста. Грижата за себе не е само топла купка и музика за опуштање. Нема правило дека секогаш треба да се чувствуваме добро и се да ни е лесно, затоа што постојат и граници на ранливост и издржливост. На пример може да се побара нечија помош за да не носиме преголем товар и се да правиме сами, може да се одолее на чашка алкохол или мрсна храна, да се намали темпото на работа, подобро да се управува со финансиите, да наслушнеме како се чувствуваме, да се биде искрен со себе и пред другите, самокритичен но без обвинување, туку со согледување и прифаќање на нештата. Добро е да се биде во природа, да се поврземе со звуците, мирисите, текстурата, видиците, квалитетно да го поминеме времето со семејството, пријателите, да ја зголемиме физичката активност, здраво да се храниме, да си дадеме себе си дозвола да се одмориме, да не заборавиме и на игри и забава.
Пожелно е да се ограничи време поминато на социјалните мрежи, да се направи добар микс на активности кои ќе не опуштат.
За да го направиме најдоброто за себе, мора да знаеме што не е грижа за себе. За да си разјасниме добро е да го насочиме своето внимание и фокус на постапките што би ни помогнале да се чувствуваме подобро.
Треба и да се запрашаме какви се нашите уверувања дека грижата за себе е знак за себичност, егоизам, за слабост или самодоволност. Тоа може да не спречи во обидот за практично дејствување.
Еве неколку совети од психолозите, да препознаете што не е грижа за себе; Ако наместо за себе поминувате повеќе време пред екран, во затворен простор, изолирани од пријателите, ако се присилувате да вежбате кога немате сила, или сте претерано самокритични и се самосожалување, ако се споредувате со другите, ако имате преголеми очекувања од себе имислите дека никогаш не треба да направите грешка. Секој треба да направи своја листа на приоритети што за нас претставува грижа за себе, а што не. Ова ќе ни помогне појасно да ги видиме работите, да ги дефинираме состојбите и чекорите што сакаме да ги превземеме за подобрување на квалитетот на животот.
Грижата за себе значи свесно донесување одлука да водиме сметка за својот живот, Тоа е избор. Одлука е и да не се превземе ништо, иако тоа може и да е несвесно. Дури и кога своите потреби ги ставаме на последно место, е избор кој ќе има последици. Запамтете дека никој на ништо не може да ве принуди, ако вие не сакате, па така и стилот на живот е ваш избор. Кога се прави изборот, треба да се согледаат и последиците или придобивките.
Секако најдобро е да се реши да се превземе нешто, па од идеја да се тргне кон реализација. Треба да се живее својата идеја, Сознанието дека имаме моќ да го обликуваме животот и реалноста ќе не охрабри и ќе ни даде сила да истраеме до остварување на целта. Може да почнеме со мали чекори, со едноставни нешта, реално остварливи. и нека бидат краткотрајни, за да не се обесхрабриме и откажеме. Постепено ќе го зголемуваме времетраењето и ќе додаваме активности. Важно да се биде дисциплиниран и истраен. Важно е да знаеме дека на патот може да доживееме и разочарувања, но да не се поколебаме, да најдеме соодветна мотивација и поддршка кога имаме пречки во одредени животни ситуации и постојано да ги полниме батериите со одмор и резимирање до каде сме стигнале. Ако не ја наполниме колата со гориво,таа нема да тргне колку и да стискаме на педалата за гас. Така и ние никаде не можеме да стигнеме без да се одмориме и правилно да се грижиме за себе. Тоа е начин на битисување и секое оправдување дека привремено сме спречени е само знак дека сме се решиле за спротивното, бидејќи неможам-значи несакам.
Понекогаш може да се изгуби од вид вистинската насока, и неопходно да се доживее и тага, фрустрација, разочарување, но болката може да не разбуди.
Како ќе препознаеме дека „ни снемува гориво“?
Кога се затвараме во себе, влегуваме во депресивна состојба, губиме мотивација и чувство на задоволство, се повлекуваме и се чувствуваме анксиозно. Ја губиме емпатијата, повеќе ги критикуваме другите и себе си, ако често не иритираат ситници, го губиме редот на спиењето, јадењето, се прејадуваме или гладуваме, се оддаваме на алкохол, цигари, дрога за да се избориме или да побегнеме од реалноста. Ова се индикаторите дека треба да се направи пауза и да ја обновиме енергијата. Дури и кога престануваме да водиме грижа за себе , тоа не значи дека не можеме да почнеме од почеток. Повторно можеме да ја искористиме основата и стекнатите искуства, знаења и вештини за да воспоставиме баланс на сите животни подрачја според приоритети. Грижата за себе не смее да биде заснована на рестриктивни мисли и уверувања, на дозволено-забрането, да не се казнуваме, лимитираме и да форматираме правила за она што смееме или не смееме да бидеме, дека имаме недостатоци кои треба да ги поправиме. Само треба да пронајдеме што му е потребно на нашето битие, да најдеме потпора, снага, храброст и водилка за надградба на нашата уникатна личност.
Соња Стојановска
