Охридските плажи запуштени и полни со отпад
По завршувањето на летната сезона плажите долж Охридското Езеро стануваат простор за одлагање на комунален отпад. Ниската еколошка свест на граѓаните на виделина ја вадат и поголемите бранови кои чистеќи го дното на езерото на брегот исфрлаат поголеми количини најразличен отпад, а доминира пластичната амбалажа. Од „Охридски комуналец“ велат дека во текот на зимата еднаш неделно ги чистат плажите меѓутоа доколку ја немаат подршката од граѓаните состојбата тешко дека ќе се подобри.

Секоја година охриѓани, а и сите вљубеници во Охрид кои што уживаат во прошетките долж крајбрежјето се сведоци дека надвор од сезоната плажите се запуштени и насекаде има расфрлен комунален отпад. Помал дел е одложен од несовесните граѓани кои ги посетуваат овие прекрасни локалитети, а останатиот го исфралаат поголемите езерски бранови кои на тој начин покажуваат колку е ниска нашата еколошка свест и што се фрламе на дното од езерото.
„Во моментов се врши еднаш неделно чистење на сите плажи кои не се издадени под концесија и онаму каде што се изврши уривање. Изготвен е оперативен план како што ви кажав во јавното претпријатие во координација со локалната и градоначалникот. Во наредниот период од 1 мај ќе се пристапи 2 пати неделно чистење на плажите и во периодот од 1 јули до 15-ти септември секој ден“, изјави Стефчо Маслов- ЈП „Охридски Комуналец“.
Црни точки се просторите каде што се влеваат реките во езерото бидеќи некои граѓани во нивните корита одложуваат различни видови отпад.
„Бесплатно вршиме подигање на било каков кабаст и зелен отпад, граѓаните се запознаени а особено граѓаните во тој дел на градот. Не ми е јасно зошто повторно тој комунален отпад завршува во самите корита на реките. Дали сакаат да скријат од некого или од себе си, тоа е под знак прашање. Меѓутоа мислам дека се должи на ниската еколошка свест“, вели Маслов.
Прошетката по охридските плажи уште еднаш ја покажа нашата стара навика, работите што сме ги започнале не секогаш да ги реализираме до крај.
По одземањето на концесиите за плажите минатата година токму на оваа плажа „Горица 3“ започна уривањето на дивоградбите, но како што може и сега да се види уривањето не е дозавршено, а има и остатоци од градежен шут.
Просторот мора целосно да се расчисти бидеќи бетонските блокови и арматурата е потенцијална опасност за посетителите, особено за децата.
Сашо Нелоски
