Почна реконструкцијата на далекуводот Штип- Овче Поле

04.03.2021 15:16

АД МЕПСО започна со реконструкција на 110 киловолтниот далекувод од Штип до Овче Поле во должина од 17,88 километри, кој треба да биде готов до крајот на октомври годинава. Со инвестиција од еден милион и 400 илјади евра, ќе се намалат загубите во мрежата, ќе се оптимизираат преносните системи и ќе се интегрираат обновливите извори на енергија...

Почна реконструкцијата на постојниот 110 киловолтен далекувод Штип – Овче Поле, со кој треба да се подобри капацитетот на преносната мрежа во источниот регион, загубите да се намалат и да се интензивира зеленото сценарио за производство на електрична енергија.

25 милиони евра е заемот од ЕБОР за рехабилитација на четири трафостаници и седум 110 киловолтни далекуводи во државата, кои ќе придонесат кон оптимизација на преносните системи, сигурност на мрежата и интеграција на обновливи извори на енергија, со крајна цел замена на јагленот како енергенс.

Стабилна енергетска мрежа значи и подобар амбиент за инвеститорите.

Овој проект е дел од инвестицискиот циклус од околу 100 милиони евра во модернизација на преносната мрежа на МЕПСО, која опфаќа реконструкција и модернизација на шест далекуводи долги над 130 километри.

Славица Величковска