Куманово: Пошумување за намалување на загаденоста
Со цел надминување на проблемот со аерозагадувањето, но и раззеленување на Куманово, општината заедно со јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ започна зелена акција за пошумување со садници на повеќе локации во овој град. Но, надлежните сметаат дека за решавање на загаденоста мора да придонесат и граѓаните, кои треба да внимаваат што согоруваат, како го исфрлаат и третираат сметот, но и да не ги уништуваат новите садници.

И оваа сезона аерозагадувањето на ја одмина најголемата општина во државата. Мерните станици регистрираа енормно загадување на воздухот во Куманово. Поради надминување на овој проблем, но и раззеленување на градот, општината заедно со јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ започна зелена акција за пошумување со садници на повеќе површини во градот. Првиот човек на Куманово вели дека општината работи на краткорочните и долгорочните мерки за справување со аерозагадувањето, меѓу кои се пошумувањето но и гасификацијата. Но за надминување на овој проблем според Димитриевски неопходно е да придонесат и граѓаните, кои треба да внимаваат што согоруваат, но и како го исфрлаат и третираат сметот.
„Минатата година распишавме постапка во износ од 2 милиони денари обезбедивме квалитетни садници, тендерската постапка овозможи да учествуваат поголем број на понудувачи, цената падна на 800.000 денари и оваа година со дополнителни средства повторно ќе се изврши таква постапка за набавка на квалитетни садници кои ќе ги садиме“, смета градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Зелената акција во Куманово започна од локалитетот Студена вода, но нови садници ќе се постават во централното градско подрачје, но и во населбите.
„Ќе засадиме околу 40 листопадни садници 60 украсни грмушки и 1.500 чемпреси. Тука нема да застанеме акцијата нема да биде само денеска ќе се продолжи со засадување и на оваа локација“, посочи директорката на ЈП Чистота и зеленило Куманово, Цветанка Ивановска.
Дел од садниците кои што што се пошумува се од расадникот на кумановското претпријатие.
Општина Куманово заедно со ЈП Чистота и зеленило изминативе години организираше неколку акции за пошумување на различни локации. Меѓутоа тие реагираа дека неосвесни граѓани уништиле поголем дел од новите садници. Садници се уништени и на градскиот кеј, но и на други места. Тие апелираат до граѓаните да придонесат кон поздрава и поубава животна средина.
Елена Георгиевска
