Соработка на полицијата и невладиниот сектор во Струга и Охрид

19.03.2014 10:58

Граѓанскиот сектор од Охрид и од Струга ќе соработуваат со полицијата со цел да обезбедат по стабилен и побезбеден регион. Ова регионално поврзување ќе го зголеми и степенот на заемна доверба на населението од сите заедници...

Полицијата но и граѓанскиот сектор доколку заеднички соработуваат ќе обезбедат постабилно и побезбедно општество, почетна точка во решавањето на безбедносните проблеми на граѓаните на Охрид и Струга.

„Регионално поврзување на Секторот за внатрешни работи со невладините организации претставува суштински и демократски чекор во унапредување на нашата меѓусебна соработка. Тоа всушност значи зголемување на степенот на меѓусебната доверба и градење на партнерски однос во решавањето на безбедносните проблеми на граѓаните“, потенцира Стефан Димоски.

Заедничка соработка за вмрежување меѓу локалната полиција и невладините организации има посебно значење во делот на заедничко надминување на проблемите за доброто на сите граѓани без разлика на нивната верска и етничка припадност.

„Се бориме против сите видови на насилство, трговија со луѓе, дискриминација, а посебно сакаме различностите да ни бидат предност, а не да ни бидат препрека“, појаснува Драгица Попоска- Павлеска од Здружението за еднакви можности „Езерка“ од Струга.

Невладините организации ја истакнаа досегашната соработка со СВР Охрид, Одделението за превенција со која како што објаснија досега успешно решиле голем дел од проблемите посебно кај младата популација. 

 

Јованчо Наумоски