Политика

Заев убеден во цел мандат, опозицијата во броени денови

04.03.2021 15:48

Премиерот верува дека мнозинството ќе издржи целосен мандат. Најави пофункционално работење во законодавниот дом. Опозицијата со став- власта доби само броени денови и повторно е на стаклени нозе...

„Со довербата што ја доби Владата во Собранието, расте и мојата одговорност да се одблокира парламентот, по законски основи, по пат на Деловник и по пат на разговори“- вели Заев по вчерашното гласање, на кое гледа како општествена придобивка. Вели дека во речиси шест месеци, има закани дека не постои парламентарно мнозинство, дека Владата ќе падне, а тоа влијаело на целиот народ, на економијата, на администрацијата.

Поддршка доби и од владејачките партии во парламентот кои велат дека со гласањето на доверба на владата се потврди легитимитетот добиен на парламентарните избори лани.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски во објава на социјалните мрежи потенцира- тажно е што премиерот е кукавица и манипулатор. Од опозицијата сметаат дека власта си купи привиден мир со, како што велат шверцерско гласање на доверба на влада, а тоа го претставиле во јавноста како триумфализам од невидени размери.

Во парламентарната историја за првпат беше иницирано гласање за доверба на владата по усмено барање од претседателот на владата. За иницирање постапка за барање доверба на кабинетот е потребно да поминат најмалку 90 дена, освен доколку тоа не го побараат најмалку 61 пратеник.

 

Игор Панов