Филипче: Во текот на овој месец ќе почне имунизацијата на населението
Месецов во земјава ќе пристигнат вакцините од „Фајзер“, со што ќе започне и имунизацијата на населението против коронавирусот. Најавата за стартот на имунизацијата доаѓа во услови кога минатата недела во земјава се бележи раст на бројот на новозаразени лица со Ковид-19 за 56,4 отсто...

Месецов во земјава ќе пристигнат вакцините од „Фајзер“, со што ќе започне и имунизацијата на населението против коронавирусот. Најавата за стартот на имунизацијата доаѓа во услови кога минатата недела во земјава се бележи раст на бројот на новозаразени лица со Ковид-19 за 56,4 отсто и кога капацитетот на Инфективната клиника е исполнет, поради што во функција повторно се става модуларната болница во Клиничкиот центар.
„Очекуваме, според најавите, една одредена количина преку Ковакс системот и ги очекуваме руските вакцини, имаме иницијална најава од денешните состаноци, дека тоа може да се случи викендов, веќе в недела, но повторно ќе кажам сега имаме искуство, сите земји имаат искуство, сите се соочија со тоа, тоа што иницијално им беше ветено и укажано од компаниите едноставно не се случи“, нагласи министерот Филипче во синоќешната емисија „И што сега“ на МРТ1.
Посочи дека потребно е 60-70 проценти од населението да се вакцинира за да се постигне колективен имунитет.
„Во првиот квартал најавија околу 20.000 вакцини, понатаму до 800.000 вакцини распределени во следните три квартали. Навистина долго го чекавме договорот, но исто така сме свесни дека огромен број земји го прават буквално истото. Така да подготвени сме, системот е подготвен, тоа е нешто што е навистина важно, едуцирани се здравствените работници, тие кои директно работат со вакцинацијата и практично од 11 март ние започнуваме и со ревакцинција на сите здравствени работници коишто ја примија и првата доза на вакцината“, изјави Филипче.
Министерот за здравство во однос на тоа каква ќе биде ефикасноста на вакцините за новите соеви на корона вирусот, рече дека сега комапниите анализирааат и гледаат и оти нема потврда со сигурност каква ќе биде ефикасноста на вакцините за новите соеви.
„Затоа кога вака во квартали ги добиваме вакцините можно е да се случи производителите да ги сменат платформите на коишто се произведуваат вакцините, за да бидат ефикасни на потенцијалните нови соеви коишто би можеле да стигнат понатаму во текот на годината и затоа е развиен овој систем вака затоа што може да се случи фајзеровата вакцина којашто ќе доаѓа на крајот на годината едноставно да не биде истата со таа што е сега, зошто таа можеби ќе биде ефикасна на некој друг сој што тогаш ќе биде актуелен, не само кај нас, ова важи за буквално секоја земја во светот“, рече Филипче.
Министерот за здравство нагласи дека на некои работи едноставно не можеле и не можат да влијаат, а причината, како што рече, е многу јасна.
„Нема доволно вакцини во овој момент насекаде во светот, не стигнуваат ниту со потребната ниту со посакуваната динамика од страна на секоја земја. Сликата ќе биде драстично поразлична во вториот квартал заради тоа што значајно ќе се зголемат и сите производствени капацитети“, изјави Филипче.
Според министерот, првата компанија која што ќе испорача вакцини преку Ковакс механизмот е „Астра Зенека“.
„Тоа што последно ни е стигнато како информација е дека 20 до 30 проценти од тие 100 до 170 илјади вакцини ќе стигнат во првиот квартал, тоа значи во месец март. И тоа е тоа што беше споделено во изминатиот период, така што тоа се нашите очекувања согласно сите информации коишто ги добиваме од производителите. Повторно ќе кажам, можно е да има некаква промена, можно е да споделиме некаква нова информација согласно тоа што нас ни стигнува како информација, меѓутоа очекувам дека во вториот квартал согласно сите насоки, најави од буквално сите производители веќе овој процес ќе биде поинаков, веќе количините ќе бидат значајно повеќе на располагање поради поголемо производство“, посочи Филипче.
Вчера Министерството за здравство информираше дека компанијата производител на вакцини против Ковид- 19 „Фајзер-Бионтек“, им го испратила договорот за купување вакцини. Компанијата во договорот ги соопшти деталите за испорака на вакцините во текот на цела 2021 година.
Министерот Филипче во интервјуто за МРТ информираше и дека капацитетот на инфективната клиника е исполнет и оти се става во функција модуларната болница во Клиничкиот центар.
„Веќе е подготвен кадарот, којшто сега повторно исто како во месец ноември работи по системот на ротација, лекари, медицински сестри од сите одделиенија повторно ја воспоставивме онаа координација и комуникација на ниво на сите клиники во Скопје, за да се обезбеди уште еден дополнителен болнички капацитет“, истакна Филипче.
Тој посочи дека вакцинацијата ќе се префрли во Здравствениот дом во Скопје, кадешто ќе се користи тамошниот вакцинален пункт.
