Италија ја блокираше испораката на 250 илјади вакцини „АстраЗенека“ за Австралија

05.03.2021 15:48

Иако незадоволен од италијанското вето, на кое не приговори ниту Европската унија, австралискиот премиер Морисон објасни дека Европа, поради галопирачкото темпо на морталитетот, се наоѓа во незавидна состојба.

Првиот потег на новововедениот контролен систем за извозот на вакцините го искористи Италија. Рим ја блокираше испораката на 250 илјади вакцини „АстраЗенека“ за Канбера поради дефицитот на вакцините и натамошно почитување на договорите со Брисел потпишани од фармацевтските компании, во случајов со Англиско-шведскиот производител. Иако незадоволен од италијанското вето, на кое не приговори ниту Европската унија, австралискиот премиер Морисон објасни дека Европа, поради галопирачкото темпо на морталитетот, се наоѓа во незавидна состојба.

Јас имам редовни контакти со европските лидери, во Италија на пример умираат триста луѓе во просек секој ден. Затоа ја разбирам нервозата во Италија и во земјите на Европа, бидејќи таму е во тек неконтролирана кризна состојба. Тоа не е случај со Австралија, ние веќе ги обезбедивме потребните вакцини, како и дополнителни со Фајзер и АстраЗенека. Но, имаме и домашно производство на вакцини, а само неколку земји во светот го прават тоа“, изјави Скот Морисон, премиер на Австралија.

Европа мора да се заштити од создавање среднорочни проблеми при снабдување со вакцините, оценува германскиот министер за здравје.

Пред се, тоа е европски закон за контрола на извозот, не е забрана за извоз. Мора сепак да биде потврдено, ограничувањата и контролите постојат на европско, а проверките се извршуваат на национално ниво“, рече Јенс Шпан, федерален министер за здравје на Германија.

Сепак, мора и да се извезува, дополнува Шпан, дообјаснувајќи дека ќе провери со италијанскиот колега која била причината за ембаргото на дефицитарната вакцина од Европа.

Во меѓувреме, владата на премиерот Марио Драги воведе построги ограничувања во таканаречените црвени зони на високо ниво на зараза. Околу шест милиони ученици од понеделник ќе учат онлајн, и за разлика од досега, сите училишта се затвораат. Германија пак, ги повика своите државјани да не избираат и да се имунизираат со секоја понудена вакцина.

 

Зоран Богатинов