Кавадаречката модуларна болница повторно во функција
Поради зголем број на случаи со Ковид-19 во тиквешијата, кавадаречката модуларна болница повторно во функција. Ги прими првите пациенти...

За само пет дена бројот на активни случаи на лица со Ковид-19 во Кавадарци скокна на 549 пациенти, поради што Инфективното одделение од тамошната Општа Болница се наполни. Капацитетот од 60 легла е пополнет и од денес пациенти се примаат и во модуларната болница, која има 34 легла. Таа денес ги прима првите пациенти.
Пациентите сместени во кавадаречката болница се од Тиквешијата, две третини се од Кавадарци и една третина од Неготино, а повеќето се на кислородна поддршка. Најмладиот пациент е на 17, а највозрасниот на 83 години.
Новата модуларна болница за ковид случаите е опремена со централен довод за кислород, со што персоналот нема повеќе сам да ги носи тешките кислородни боци до одделението и пациентите. Локалната власт со угостителите работат на надминување на здравствените проблеми во градот.
Министерот Филипче вчера го вброи Кавадарци во петте градови во земјава, каде зголемениот број новозаразени се должи на британскиот сој на вирусот.
Петар Печков
