Политика

ВМРО-ДПМНЕ со категорично „не“ на предлогот на Заев

07.03.2021 15:19

„Пактови со мафија нема, ниту пак ќе поддржиме. Прво ќе ве поразиме, а потоа ќе следува одговорност“, ВМРО- ДПМНЕ ден по предлогот на премиерот за заедничка влада со опозицијата. Од СДСМ очекуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да го прекинат синџирот на деструктивните желби на Мицкоски и да застанат на страната на граѓаните и на држава...

Провидна е играта на Зоран Заев и неговиот предлог за широка влада во која баш тој ќе одбира кој ќе раководи со ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е најдобриот показател дека неговата владата е разнишана. ВМРО-ДПМНЕ со категорично „не“ на предлогот на премиерот за учество на опозицијата во власта. Од партијата потегот го квалификуваат како сламка на спас на кариерата на Заев и неколку луѓе околу него. Парламентарното мнозинство е тенко, а Владата е на стаклени нозе, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Христијан Мицкоски е главниот кочничар на процесите кои ја носат државата напред. Многупати покажа дека нема никаков капацитет за заедништво, ниту сака да придонесе за доброто на државата, возвратија од СДСМ. Мицкоски ја кочеше правдата во државата, работеше против референдумот, на штета на институциите кои се бореа со вирусот и се обиде да го закочи напредокот кон НАТО и ЕУ и постојано беше поразен, рече портпаролката Кузеска.

Либерал-демократите, коалициски партнер на СДСМ, експресно ја отфрлија идејата за широка Влада. Според лидерот на партијата Милевски, ЛДП нема да учествува во неа. Ако си се сакат, нека си се земат. ЛДП на таква свадба нема да присуствува, напиша кратко Милевски на Фејзбук. И лидерот на ДУИ, Али Ахмети, мисли поинаку од премиерот Заев. Смета дека улогата на опозицијата е да биде коректив на власта.

 

Милчо Велески