Во две акции запленети повеќе од половина тон марихуана

07.03.2021 14:55

Во две акции запленети повеќе од половина тон марихуана. Над 400 килограми натоварени во камион, преку земјава и Грција требало да завршат на турскиот пазар. Другиот канал пресечен недалеку од преминот Богородица. Приведени тројца...

Лоша вечер за криумчарите на дрога. Во две акции полицијата заплени повеќе од половина тон марихуана. 424 килограми фино спакувани во Косово, замаскирани со отпадна стара хартија и натоварени на камион, преку земјава и Грција требало да завршат на турскиот пазар . Според МВР, 47 годишниот скопјанец инаку возач на камионот, претходно отишол на Косово и таму го организирал транспортот на дрогата која во Турција би се продала за милион евра. Се надевал ќе добие дел од колачот, но наместо нелегални пари, уапсен е на преминот Богородица и се соочува со кривична пријава.

А недалеку од Богородица се одвивала уште една полициска акција. Во атарот на село Селемли двајца дилери во автомобил шкода натовариле 93 килограми марихуана која планирале да ја пренесат и продадат во Грција. Кога ја здогледале полицијата, почнале да бегаат, но биле уапсени. Од МВР велат - на пет локации се извршени претреси и запленети се предмети поврзани со истрагата во која се вклучила и грчката полиција.

Анита Димитријевска Велковска