Фудбал, Лига на шампионите, осминафинални реванши

Челзи и Реал со сигурен чекор во четвртфиналето

19.03.2014 11:18

Иако и годинава постои реална можност да остане последниот англиски тим којшто ќе игра во Европа, без оглед што и самиот Мурињо смета дека сезонава нема состав за европската круна, на петочната ждрепка Челзи ќе биде меѓу најопасните противници којшто сите други четврфиналисти во Лигата на шампионите ќе сакаат да го избегнат. Лондонските „сини“ го покажаа тоа и на начинот на којшто го исфрлија Галатасарај во осминафиналето, со синоќешниот триумф од 2-0 во реваншот, по истанбулските 1-1.

Дидие Дрогба доживеа величествен пречек при првото враќање на „Стемфорд Бриџ“, но Челзи немаше ни најмалку милост кон турскиот првак. Уште во првото полувреме Самуел Ето и Гери Кејхил се погрижија за поспокојно продолжение.

„Ние сме екипа за Лигата на шампионите и сега сме меѓу најдобрите осум, онаму каде што припаѓаме, меѓу најдобрите клубови на светот. Да се дојде од Лига Европа до оваа фаза во шампионската лига е важен дострел и за клубот и за играчите“, рече Мурињо, дополнувајќи дека со нетрпение ја чека ждрепката. „Сите можни ривали се кандидати да го освојат натпреварувањето. Не е важно кој ќе ни падне, секому ќе посакаме добредојде“, загадочно изјави Мурињо по мечот во којшто Галатасарај не беше ни блиску до можност да се надева да профитира по релативно поволниот резултат од првиот меч.

Шалке 04 истрча на „Сантјаго Бернабеу“ да го поправи впечатокот по срамните 1-6 во Гелзенкирхен, но си поврати само мал дел од гордоста, бидејќи Реал му одржа уште една лекција победувајќи со 3-1. Севкупните 9-2 се најубедлива победа на „кралскиот клуб“ во еден европски двомеч. И со само тројца стандардни првотимци во составот, шпанскиот великан немаше проблеми, иако победата ја избори на петнаесетина минути пред крајот. И додека Хогланд го постигна единствениот гол на Шалке во Мадрид, еден гол за Реал даде Алваро Мората, но двапати погоди неуморниот Кристијано Роналдо. Португалецот веќе стигна до 13 гола сезонава во Лигата на шампионите со што го поправи својот лански рекорда, а застана на вкупно 41 погодок во сите конкуренции сезонава.

„Екипата игра одлично во овој период. Чекор по чекор, ќе се обидеме да ја постигнеме нашата цел да ги освоиме трите пехари. Знаеме дека ќе биде тешко, но секогаш имаме високи цели. Со таков пристап, се е можно“, рече Роналдо по продолжението на неговата феноменална голгетерска серија.