Мерки

Се предлага полицискиот час да трае две недели

08.03.2021 16:00

Полициски час од 22 до 5 часот изутрина, на територијата на целата држава, препорачува Комисијата за заразни болести, со образложение дека во земјава повторно почнаа да растат бројките на новозаболени од корона вирусот. Откако министерот Филипче за ваквото барање го информирал Кризниот штаб, владата на седница ќе решава по барањето и треба да донесе одлука...

Полициски час од 22 до 5 наутро, во наредните две недели, предлог на Комисијата за заразни болести. Ќе трае и за време на викендите и на територијата на целата држава. Барањето следува откако во земјава повторно почнаа да растат бројките на новозаболени од корона вирусот. Финалниот збор го има Владата, која на седница треба да донесе конечна одлука.

Засега не се бара затворање на угостителските објекти, игралишта, паркови и други јавни простори. Инспекторите на терен со засилени контроли ќе проверуваат дали се почитуваат мерките.

Епидемиолозите сметаат дека дел од граѓаните не ги почитуваат мерките за негрупирање, оддржување дистанца и носење заштитна опрема и затоа бараат воведување на полициски час. Сметаат дека со воведување на ваквата ригорозна мерка ќе се намали бројот на заразени и хиспитализирани пациенти.

Во ковид центрите низ државата се лекуваат 860 заболени. Само во Скопје во еден ден се хоспитализирани 17 луѓе. Активирани се и интерните клиники. Пациенти се примаат на Клиниката за неврологија, Институтот за белодробни заболувања и Кожната клиника. Од градовите во внатрешноста, најмногу хоспитализации има во Прилеп, Охрид, Штип, Битола и Велес. Од ресорното министерство информираат дека има и 370 празни болнички кревети.

Имунизацијата со пристигнатите 3.000 дози од руската вакцина Спутник треба да почне в среда, а најдоцна за три недели ќе стигнат и потребните ревакцини. Здравствените работници се вакцинираат со дози од производителот „Фајзер“. Според планираното, кон крајот на неделава за нив треба да почне и ревакцинацијата.

Анита Димитријевска Велковска