Неповолна агрометеоролошка состојба
Пролетта доаѓа, но опасноста од појава на доцните пролетни мразови не е помината. Кај раните сорти на некои видови коскесто овошје веќе се забележени првите цветови, па оваа недела според експертите поради можноста од утрински минусни температури се оценува како ризична и агрометеоролошки неповолна.

Затоплувањето и стабилизацијата на времето во минатата седмица овозможи голем дел од работите на отворено да се завршат, но постигнатите дневни температури особено кон крајот на неделата загрижуваат заради предвремено будење и развој на вегетацијата кај овошките, особено на оние од коскестите видови.
Ваквите временски услови се оценуваат како неповолна агрометеоролошка состојба, заради фактот што не се изминати просечните датуми на последна појава на мраз кај ниедно мерно место во земјава.
Тоа значи, дека можност за појава на мраз сеуште има и тоа во голем процент што може да предизвика измрзнување и штети кај растенијата.
Неделава се прогнозираат слични временски услови како изминатите денови, и се очекуваат и првите цветови кај раните сорти и видови овошки.
Овој период земјоделците треба да го искористат максимално и тоа со подготовка на површините за пролетната сеидба, а заштитата на овошките, резидбата, како и прихранувањето на есенсксите посеви онаму каде што не се завршени, остануваат како приоритет.
Методија Трајков
