Велес: Квалитетна вода за пиење нема за сите жители
Градот Велес веќе три децении има фабрика за преработка на вода, но таа не стига до сите негови жители. Велешани реагираат, но засега без конкретен резултат...

Иако само реката Вардар ги дели од центарот на Велес, дел од жителите на месноста Речани, пијат вода од бунари и хидрофори, немаат ниту канализација. Граѓаните на приградската населба, со години реагираат и бараат да добијат квалитетна вода за пиење, како и останатите нивни сограѓани, но засега без успех. Реакциите се без одговор.
И покрај тоа што пред 30 години, со самопридонес беше изградена фабриката за преработка на вода за Велес, и по толку време хигиенска квалитетна вода за пиење и здравствено исправна, не стигнува до домовите на сите велешани.
Освен до Речани, таа не е дистрибуирана ниту до селата Раштани и Бузалково. Во одделени делови на градот, водата за пиење стигнува преку старите азбесно -цементни цевки. Директорот на ЈКП Дервен најавува дека се работи на поставување нова водоводна линија, токму до овие места.
На градскиот водовод денес се приклучени и повеќето приградски населби и селата кои гравитираат во околината на градот Велес, секаде каде постојат технички услови извршено е приклучување на руралните средини на градската водоводна мрежа. Водата за пиење до фабриката за преработка стигнува од Хидросистемот Лисиче и двата капитални објекти се изградени од самопридонес на велешани.
Петар Печков
