Народна банка ја намали основната каматна стапка за натамошна поддршка на економијата

10.03.2021 11:36

Како што соопштуваат од Народната банка одлуката за понатамошно монетарно олабавување се носи во услови на стабилни движења на девизниот пазар и умерена динамика на инфлацијата, а додека сѐ уште постои неизвесност за здравствената криза и влијанието врз патеката на закрепнување на економијата.

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка вчера на седница одлучи основната каматната стапка да се намали за дополнителни 0,25 процентни поени до нивото од 1,25 отсто.

Како што соопштуваат од Народната банка одлуката за понатамошно монетарно олабавување се носи во услови на стабилни движења на девизниот пазар и умерена динамика на инфлацијата, а додека сѐ уште постои неизвесност за здравствената криза и влијанието врз патеката на закрепнување на економијата.

Додаваат дека во прилог на одлуката е и понагласениот приспособлив карактер на ЕЦБ заради одржување на поволните финансиски услови во подолг период.

Според Народната банка натамошното олабавување на монетарната политика е заради дополнително олеснување на финансиските услови и натамошна поддршка на домашната економија, имајќи го предвид тековниот развој на пандемијата, којашто сѐ уште трае. Истовремено, на седницата е оценето дека ослободената ликвидност изминатата година од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денеска да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.

Од Народната банка оценуваат дека понатамошното олабавување на монетарната политика се очекува да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките и натамошна кредитна поддршка на приватниот сектор, заради ублажување на ефектите од пандемијата врз домашната економија.