Почна имунизацијата со руската вакцина „Спутник В“

10.03.2021 13:10

Граѓаните ќе мора да почекаат друга вакцина против коронавирусот. И руската „Спутник В“ е наменета за здравствени работници. Имунизацијата почна денеска во поликлиниката „Јане Сандански“. Според планираното денеска треба да се вакцинираат околу 180 медицинари. Во пунктот во поликлиниката „Букурешт“ пак, стартува ревакцинацијата со „Фајзер“...

Со руската вакцина „Спутник В“ почна имунизацијата на здравствените работници од црвените зони во ковид-центрите. Во поликлиниката „Јане Сандански“ непречено се одвива процесот на вакцинација на лекари од 27 до 69-годишна возраст. Валентина Огњановска е лекар од Клиничкиот центар која непосредно по вакцинацијата рече дека се чувствува добро.

Три илјади дози од руската „Спутник В“, во македонија стигнаа во неделата. Се чуваат на температура од минус 20 степени, а задолжени лица ја контролираат на секој час.

Во ковид- центрите во болниците низ земјава и на инфективните оддели во Скопје се лекуваат вкупно 917 пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот. Има околу 300 празни болнички кревети. Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, намален е бројот на смртни случаи за 17, 4%.

Изминатата недела пак, бројот на новозаразени е зголемен за 23 %. Од 4.463 регистрирани, половината се во Скопје. И натаму најзагрозени се лицата на возраст над 60 години, но се зголемува бројот на хоспитализирани од 30 до 39- годишна возраст.

 

Александра Спировска