Нова стратегија за развој на туризмот во Охрид

10.03.2021 13:19

По подолг период како дел од програмата на општината, научни работници од Факултетот за туризам и угостителство изработија нова стратегија за развој на туризмот во Охрид. Притоа беше извршена ревизија на сите досегашни стратегии кои не дадоа резултат и врз основа на нив се одредени новите приоритети кои се во согласност со насоките на УНЕСКО и со кои македонскиот бисер ќе се претставува на странските туристички пазари...

Новата стратегија за развој на туризмот во Охрид е изработена врз темелни анализи на моменталната состојба и ја дефинира долгорочната визија, која се потпира на одржливите компоненти кои се усогласени со барањата на УНЕСКО. Парадигмата беше ние да го користиме Охрид без искористување, вели професорот Наум Мариноски при што посочува дека основата на одржливиот развој била насочена токму на тие делови на градот и околината кои се на удар од разни девијантни градежни и други активности.

„Некои од тие понудени досега ад-хок решенија ги отфрливме априори, како што беше на пример мегаломанскиот скијачки центар на Галичица и загрозување на животната средина и подигнување на хотели по секоја цена на секој дел од брегот“, изјави проф. д-р Наум Мариноски.

Стратегијата се потпира на повеќе столбови од кои приоритет е даден на развојот на сите форми на активен туризам и грижа за безбедноста на туристите.

„Акцент дадовме на активниот туризам, подигање на здравството како една од многуте компоненти сега во овој период, која инаку се бара како тенденција во светот. Ние правевме анализи на тенденциите. Значи активниот туризам, здравствениот туризам, понатака културниот туризам беа доминантни во нашето одлучување за приоритетите“, вели проф. д-р Мариноски.

Кога се зборува за активен тоа не авантуристички туризам, вели Мариноски. Често пати тука има забуна, бидеќи активниот туризам ги опфаќа сите рекреативни можности кои го подигаат адреналинот , но се во една рамка на беабедност. Такви се нуркањето, качувањето на планина, параглајдингот и сите други селективни форми на активности.

 

Сашо Нелоски