Помина првиот полициски час, санкции за оние кои нема да ја почитуваат мерката

11.03.2021 09:49

Од синоќа од 22 до 5 часот изутрината беше ограничено движењето на граѓаните, а на терен полициските службеници вршеа контрола. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој синоќа направи обиколка на неколку полициски пунктови, порача дека мерката мора да се спроведе во целост, ќе биде неселективна и нема да има отстапки за никого...

Помина првиот седумчасовен полициски час кој се воведува како рестриктивна мерка за спречување на ширењето на коронавирусот. Од синоќа од 22 часот до 5 часот утринава беше ограничено движењето на граѓаните, а на терен беа полициските службеници кои вршеа контрола.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој синоќа направи обиколка на неколку пунктови, порача дека мерката мора да се спроведе во целост и оти нема да има отстапки за никого.

„Оваа е мерка која никој не ја посакува, но е неопходна ако сакаме да го прекинеме ланецот на ширење на вирусот и токму заради тоа мораме сите да се придржуваме кон неа. Очекувам, како што започнавме оваа вечер, преку почитување на оваа мерка за забрана за движење, заеднички да придонесеме во наредните 14 дена да имаме намалување на ширењето на вирусот, стабилизација на состојбата и зачувување на здравствениот систем. Убеден сум дека заедно ќе ја добиеме и оваа битка против Ковид-19“, изјави Спасовски.

Тој апелираше до граѓаните да ја почитуваат мерката, а за оние кои нема да го сторат тоа најави прекршочни и кривични санкции.

Одлуката за полициски час ја донесе Владата завчера на предлог на Комисијата за заразни болести, која очекува дека со оваа мерка ќе се спречи натамошниот пораст на бројот на заболени и хоспитализирани лица.