Словенија – силен поддржувач на македонската ЕУ и НАТО интеграција
Премиерот Груевски на средба со словенечката премиерка Аленка Братушек
Премиерот Груевски е во официјална посета на Словенија. Во Брдо кај Крањ има средба со својата колешка, словенечката премиерка Аленка Братушек. Освен Груевски, во македонската делегација се и министрите Никола Попоски, Спиро Ристески и Миле Јанакиески, како и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Александар Пујовски кој ќе потпише Меморандум за соработка од областа на спортот меѓу двете земји.
Најпрво се одвива тет-а-тет средбата Груевски/Братушек, па следуваат разговори меѓу македонските и словенечките министри, по што е закажана и пленарна седница. Освен со Братушек, премиерот Груевски во Љубљана ќе се сретне и со претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, како и со претседателот на Парламентот на Република Словенија, Јанко Вебер. Разговорите со нив се закажани за доцна попладне.
Средбите со словенечкиот државен врв се само потврда на одличните билатерални односи меѓу двете земји. Словенија е наш голем подржувач во напорите за интеграција во Европската унија и во НАТО, го поддржува отпочнувањето на преговорите за членство на земјава во европското семејство, и во неколку наврати ја понуди својата помош во затворањето на спорот што Грција го има со нашето уставно име. Покрај политичките, и економските односи меѓу двете земји бележат континуиран напредок. Словенците инвестираа во Македонија во различни сектори, од банкарство до осигурување. Според податоците на НБРМ вкупниот кумулативен прилив на странски директни инвестиции од Словенија за периодот 1997-2012, изнесува 364,4 милиони евра, или околу 10 % од вкупниот прилив на СДИ во Македонија.
Трговската размена од почетокот на годинава изнесува повеќе од 160 милиони американски долари, што ја прави наш 11-ти по големина трговски партнер. За епилогот од средбите на премиерот со словенечкиот државен врв и за тоа што е разговарано на нив, следете ги информативните изданија на Националниот сервис.
Мартин Пушевски
